Пет едноставни начини за поттикнување на детската интелигенција

Кармин

24/02/2026

13:46

309

Големина на фонт

а а а

Родителите кои сакаат да го поттикнат интелектуалниот развој на своите деца често чувствуваат притисок дека мора да ја купат „вистинската“ едукативна играчка, да ја преземат најдобрата апликација или да вложат во скапи вежбанки.

Но, според експертка за рана писменост, поттикнувањето на коефициентот на интелигенција кај децата во домашни услови е многу поедноставно отколку што многумина мислат.

„Често ми го поставуваат прашањето: Што можам да правам со своето дете дома?“, изјавила за „Newsweek“ Мелиса Меккол. „На крајот, најдобриот начин за градење интелигенција е да разговарате, да пеете, да читате и да си играте со детето уште од денот кога ќе се роди“, истакнала таа.


Меккол, која магистрирала педагогија и специјално образование и обучува воспитувачи и семејства за науката за читање, објаснила дека овие секојдневни интеракции се длабоко вкоренети во начинот на кој се развива детскиот мозок. „Смислените, повторливи врски и цврстите односи ги градат темелите за секое идно учење“, рекла таа.

Ова се пет едноставни, научно поткрепени начини преку кои родителите можат да го поддржат когнитивниот развој дома, без потреба од посебна опрема.

Читајте рано, често и насекаде

Меккол ги поттикнува родителите да им читаат на децата повеќепати во текот на денот и книгите да не ги ограничуваат само на времето пред спиење. „Искрено, дотогаш сите сме исцрпени“, напоменала таа. Аудиокниги во автомобил, книги за време на бањање или приказни за време на ужина – сè се брои. „Колку е поголема изложеноста, толку подобро“, нагласила Меккол.


Не ја прескокнувајте публицистиката

Иако сликовниците се драгоцени, Меккол истакнала дека публицистиката, односно нефикциските книги, исто така играат клучна улога во развојот на мозокот. „Читањето публицистика ја поттикнува љубопитноста и води до поголем развој на вокабуларот, како и до подлабоки разговори за светот околу нас. Кога децата можат да го поврзат она што го учат со реалниот свет, учењето се забрзува“, објаснила таа.

Пејте заедно

Пеењето може да изгледа како обична игра, но всушност ги поддржува раните вештини за читање. „Песните се засноваат на повторување и ја зајакнуваат фонолошката свесност, што е клучно за идниот успех во читањето“, рекла Меккол.

Неодамнешна студија објавена во списанието „Frontiers in Psychology“ открила дека децата кои редовно учествувале во пеење и музички активности засновани на ритам покажале посилни вештини на фонолошка свесност. Тоа ја вклучува способноста да препознаваат рима, да ги разделуваат зборовите на гласови и ментално да манипулираат со тие гласови – вештини клучни за подоцнежното учење на читањето.


Разговарајте и внимателно слушајте

Разговорот, како што рекла Меккол, може да биде една од најмоќните алатки што ги имаат родителите. Таа се повикала на студија објавена во „Journal of Experimental Child Psychology“ која покажала дека честите заемни разговори меѓу родителите и децата се поврзани со поголеми и поактивни јазични подрачја во мозокот.

Истражувачите, исто така, откриле дека за когнитивниот раст не е најважен бројот на зборови што децата ги слушаат, туку квалитетот на интеракцијата – односно количината на двонасочната комуникација. Меккол ги охрабрува родителите за време на заедничкото читање да застанат и да им дозволат на децата самите да ги разработат своите мисли. „Тие заемни дискусии се она што навистина го развива мозокот“, нагласила таа.


Одвојте време за игра

„Играта ја поттикнува љубопитноста и се потпира на природниот начин на кој децата учат. Дајте им на децата слобода да истражуваат. Исполнете го домот со играчки од отворен тип што не се потпираат премногу на електроника. Намерно комбинирајте ги играчките за да ја поттикнете креативноста“, рекла Меккол.

Таа исто така им советува на родителите да се воздржат од гледање во мобилните телефони за време на играта, за да можат целосно да им се посветат на своите деца. Пред сè, Меккол нагласила дека е важно да се ослободите од притисокот дека сè мора да се прави совршено.

„Опседнатоста со најскапите материјали или со најновата програма често ги спречува родителите да преземат едноставни чекори. Најважни се вашето присуство, вашиот глас и вашето внимание. Секојдневните моменти се тие што го обликуваат мозокот“, заклучила таа.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk