Пред настапот на ЗОИ 2022, таа и нејзиното семејство биле цел на шпионажа од операција на кинеската влада. Нејзиниот татко е политички бегалец.
Американската лизгачка Алиса Лиу испиша историја на Зимските олимписки игри каде освои златен медал за Соединетите Американски Држави во поединечна конкуренција по цели 20 години. За успехот да биде уште поголем, Лиу има само 20 години, а ова е нејзино второ злато на овие Игри.
Лиу по кратката програма беше трета, а потоа блесна во слободниот настап каде освои 226.79 поени и ја остави конкуренцијата зад себе. Среброто и бронзата ги освоија Јапонките Каори Сакамото и Ами Накаи.

Американката е родена на 8 август 2005 година, а првпат стапнала на мраз на петгодишна возраст. Потекнува од Калифорнија и е најстара од пет браќа и сестри. Интересно е што нејзиниот татко емигрирал од Кина, а неа и нејзините браќа и сестри ги родила сурогат мајка преку анонимни донатори на јајце-клетки. Алиса почнала да лизга благодарение на татко ѝ кој ја однел на првиот тренинг.
Колкав талент има за уметничко лизгање се виде кога како тинејџерка, со само 13 години, го освои државното првенство на САД и стана најмладата на која тоа ѝ успеало. Освен што веќе тогаш испиша историја, го сруши и рекордот што со децении го држеше Тара Липински. Не само што победи, туку тоа го направи на спектакуларен начин, изведувајќи три тројни аксели — скок што и денес е реткост во женското лизгање.
Таа стана првата Американка што на натпреварување извела четирикратен Лутц, како и првата лизгачка во светот што во една програма споила четирикратен скок и троен Аксел.

Настап на ЗОИ 2022 за време на шпионажа
Настапи на Олимписките игри во Пекинг пред четири години, од каде се врати без медал. Таму заврши седма, а само еден месец подоцна направи сензација освојувајќи бронзен медал на Светското првенство. Пред настапот на ЗОИ 2022, таа и нејзиното семејство биле цел на шпионажа од операција на кинеската влада. Нејзиниот татко е политички бегалец, па бил на мета. Поради целата ситуација, Лиу беше под засилен безбедносен надзор за време на Олимписките игри.
„Замисли да го откриеш тоа на толку млада возраст, мислам, на некој чуден начин мислев дека е шега“, изјавила таа во една прилика.
Сепак, товарот бил преголем и во април 2022, на само 16 години, објави дека се повлекува од професионалното лизгање за да се посвети на „нормален живот“.
„Почнав да лизгам на пет години и лизгав до 16. Никогаш не одев во училиште, се школував од дома. Многу социјална личност сум и сакам интеракција со луѓе. Со години живеев сама, без семејство, без пријатели, сè поради тренинзите“, изјави во интервју за „NBC News“.

Враќање на мразот
За време на паузата од мразот и лизгалките, се запиша на студии по психологија на престижниот "UCLA". Сепак, реши повторно да се врати на мразот. Во март 2024 објави враќање на натпреварувањата, самата ја избираше музиката, учествуваше во кореографијата и одлучуваше за распоредот на тренинзи. Има препознатлив имиџ — нејзината обоена коса не е нешто што често се гледа на мраз, но со тоа само ја потврдува својата автентичност.





















