Со Европа ќе владеат жени! Принцезата Леонор (20) се подготвува да стане кралица каква што Шпанија не видела 150 години

Кармин

14/01/2026

18:53

1.206

Големина на фонт

а а а

Иднината на „старата дама“ припаѓа на – дамите, а некои веќе покажуваат дека понежниот пол може да има и цврста рака. Во 21-ви век постепено се рушат строгите вековни правила, па сè повеќе европски монархии се откажуваат од традицијата според која право на престолот имаат исклучиво машките членови на династијата.

Така, принцезата Викторија еден ден ќе го наследи шведскиот престол, Белгија ќе ја води Елизабета, во Норвешка кралската круна ќе ѝ припадне на најстарата ќерка Ингрид, во Холандија исто така ќе владее жена, а принцезата Леонор веќе се подготвува да застане на чело на Шпанија.


Долг е списокот на жени кои носеле титула кралица на Шпанија, но единствено Изабела II била директен престолонаследник – престолот го наследила од својот татко Фернандо во 1833 година. По повеќе од 150 години, во 21-ви век круната повторно ќе ѝ припадне на една дама – принцезата Леонор, постара ќерка на кралот Фелипе VI и кралицата Летиција.

Првиот јавен говор го одржала на 13 години, обраќајќи се на нацијата по повод четириесетгодишнината од донесувањето на Уставот, на датум кој е воедно нејзин роденден (31 октомври). На слична возраст бил и нејзиниот татко кога започнал да ги извршува првите кралски должности.


Принцезата од мала возраст се подготвува за „игра на престолот на женски начин“, посветувајќи им се на своите обврски со достоинство и одговорност. Од татко ѝ ќе го наследи престолот, а од мајка ѝ освен убавината наследила и одличен вкус за мода, па секогаш кога ќе се појави во јавноста е беспрекорно стилизирана, исто како и нејзината помлада сестра Софија. Но, нејзината иднина подразбира многу повеќе од јавни појавувања.

Како членка на шпанското кралско семејство, таа мора да ја заврши воената обука пред да го преземе престолот. Без прашања и одлагање, принцезата од Астурија ја облекла униформата веднаш по завршувањето на средното училиште и полнолетството. Како еден од најдобрите студенти на Воената академија, достигнала чин потпоручник во Воздушните и вселенски сили, а пред неколку недели седнала во кокпитот и извршила прв самостоен лет со воен авион, станувајќи првата членка на династијата Бурбон која го направила тоа.


Обуката ја следела по истиот принцип по кој се воделе нејзиниот татко и дедо, Хуан Карлос. Првата година ја поминала на обука во Сарагоса, втората служела во морнарицата во Галисија (поминала 140 дена на воени бродови, пловења преку Атлантикот, посети на јужна Америка и пристаништето во Њујорк), а сега ја завршува третата година резервирана за воздухопловство и противвоздушна одбрана.

Принцезата Леонор, кога ќе биде прогласена за кралица, ќе стане и првата жена на чело на шпанската војска. Јасно е зошто мора добро да се подготви за сето тоа. Сепак, животот во касарната не ѝ паѓа тежок. Не е баш дека може да излезе кога ќе посака, но надредените ѝ „прогледуваат низ прсти“ кога мора да присуствува на некој официјален прием со родителите. Во еден момент брзо се пресоблекува од маскирната униформа и облекува гламурозен фустан или одело.


Принцезата Леонор пред академијата (20) завршила „UWC Atlantic College“ во Велс, а паралелно учела и јазици. Покрај мајчиниот јазик, течно зборува каталонски, англиски, француски, арапски и мандарински. Освен тоа, уште сега полека ја засенува убавата мајка – Летиција, што не е нималку лесно, бидејќи таа е една од современите икони на стилот. Нема сомнение дека во иднина принцезата Леонор ќе стане една од најпопуларните, но и најубавите европски кралици.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk