[ФОТО] „Кралицата“ на нафтата, парите и десната рака на Мадуро: Која е новата лидерка на Венецуела?

Кармин

05/01/2026

14:19

1.874

Големина на фонт

а а а

Откако претседателот Николас Мадуро бил уапсен за време на американска воена операција во Венецуела, управувањето со оваа јужноамериканска земја преминало во рацете на извршната потпретседателка Делси Родригез.

Токму тоа го предвидува Уставот на Венецуела во различни сценарија што се однесуваат на отсуство на претседателот. Според членовите 233 и 234, без разлика дали отсуството е привремено или трајно, потпретседателот ги презема претседателските овластувања.

Родригез, која воедно е и министерка за финансии и нафта, ја презела функцијата во сабота попладне. Само неколку часа по апсењето на Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, таа претседавала со седница на Националниот совет за одбрана, окружена со министри и високи функционери, барајќи „итно ослободување“ на брачниот пар и остро осудувајќи ја американската воена операција.

Стоејќи пред знамето на Венецуела, Родригез рекла дека утринската операција претставува грубо кршење на меѓународното право и суверенитетот на земјата. Таа додала дека тој чин мора да биде отфрлен од граѓаните на Венецуела и осуден од владите низ цела Латинска Америка.

„Ги повикуваме народите на големата татковина да останат обединети, затоа што она што ѝ беше направено на Венецуела може да му биде направено на секого. Таа брутална употреба на сила за кршење на волјата на народот може да биде спроведена против секоја земја“ им рекла таа на членовите на советот во обраќање што го пренесувала државната телевизија „VTV“.

Функционерка од „целосна доверба“ на Мадуро

Делси Родригез (56) е родена во Каракас, а дипломирала право на Централниот универзитет на Венецуела.

Повеќе од две децении важи за една од клучните фигури на чавизмот, политичкото движење што го основал претседателот Уго Чавез, а по неговата смрт во 2013 година го предводел Николас Мадуро.


Заедно со својот брат Хорхе Родригез, сегашен претседател на Националното собрание, таа извршувала бројни високи функции уште од ерата на Чавез.

Била министерка за комуникации и информирање од 2013 до 2014 година, а потоа и министерка за надворешни работи од 2014 до 2017 година. На таа позиција ја бранела владата на Мадуро од меѓународни критики, вклучувајќи обвиненија за уривање на демократијата и кршење на човековите права.

Како шефица на дипломатијата, Родригез ја претставувала Венецуела на меѓународни форуми како Обединетите нации, каде што ги обвинувала другите влади дека се обидуваат да ја дестабилизираат нејзината земја.

Во 2017 година станала претседателка на Уставотворното народно собрание, кое ѝ ги проширило овластувањата на власта откако опозицијата победила на парламентарните избори во 2015 година.


Мадуро во 2018 година ја именувал за потпретседателка за време на својот втор мандат, а таа функција ја задржала и во третиот мандат, кој започнал на 10 јануари 2025 година, по контроверзните избори одржани на 28 јули 2024 година. До апсењето на Мадуро, таа била главната економска фигура на земјата и министерка за нафта.

Венецуелската опозиција тврди дека изборите во 2024 година биле наместени и дека Мадуро не е легитимно избран претседател, инсистирајќи дека вистинскиот победник е поранешниот амбасадор Едмундо Гонзалес Урутија — став што го поддржуваат и одделни влади во регионот.

Хозе Мануел Романо, правник и политички аналитичар, изјавил за Си-ен-ен дека функциите што ги извршувала Родригез покажуваат дека станува збор за „исклучително влијателна“ личност во власта и за некој што ужива „целосна доверба“ од Мадуро.

„Извршната потпретседателка на републиката е исклучително ефикасен оперативец, жена со силни лидерски способности во водењето тимови“ изјавил Романо.


„Таа е многу фокусирана на резултатите и има значително влијание врз целиот државен апарат, вклучително и врз Министерството за одбрана. Тоа е исклучително важно во овие околности“ додал тој.

Пат кон договор со САД?

Неколку часа по апсењето на Мадуро, а пред Родригез да му се обрати на Националниот совет за одбрана, американскиот претседател Доналд Трамп изјавил на прес-конференција дека државниот секретар Марко Рубио разговарал со потпретседателката. Според зборовите на Трамп, таа покажала подготвеност да соработува со Вашингтон во новата фаза на односите со Венецуела.

„Разговарала со Марко и рекла: „Ќе направиме што и да е потребно“. Делуваше многу учтиво. Ќе го направиме ова како што треба“, изјавил Трамп.

Овие изјави ги изненадија дел од аналитичарите, кои сметаат дека Родригез веројатно нема да прави отстапки кон Соединетите Американски Држави.


„Таа не е умерена алтернатива на Мадуро. Таа беше една од најмоќните и најтврдокорни фигури во целиот систем“ изјавил за Си-ен-ен Имдат Онер, аналитичар на институтот „Џек Д. Гордон“ и поранешен турски дипломат со искуство од Венецуела.

„Нејзиниот подем на власт изгледа како резултат на некаков договор меѓу Соединетите Американски Држави и клучните актери кои се подготвуваат за пост-Мадуровата ера. Во тој контекст, таа суштински би имала улога на привремен лидер додека демократски избраниот претседател не ја преземе власта“ додал тој.

Меѓутоа, во првите пораки по апсењето на Мадуро, Родригез не покажала знаци на попуштање. Без да се осврне на изјавите на Трамп, таа ја затворила вратата за каква било соработка со САД.


Порано тоа утро, во телефонско вклучување за „VTV“, изјавила дека не се знае каде се наоѓаат Мадуро и Флорес и побарала доказ дека се живи. Подоцна, за време на седницата на Националниот совет за одбрана, дополнително ја заострила реториката, ја осудила американската операција и и покрај сè, инсистирала дека Мадуро и понатаму останува претседател на Венецуела.

„Во оваа земја постои само еден претседател, а неговото име е Николас Мадуро Морос“ порачала Родригез, која, по сплет на околности, станала највидливото лице на власта во Венецуела.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk