[ВИДЕО] За неговата болест нема лек, има слаб вид, а сега се бори за титулата светски шампион: Од судиите често бара едно исто нешто

Точка

02/01/2026

11:15

907

Големина на фонт

а а а

Пикадото никогаш нема да биде популарно како некои други спортови, но Светското првенство никогаш не поминува целосно незабележано.

Многу фаворити веќе го завршија настапот, меѓу нив и вториот и третиот играч на светот. Лук Хамфрис и Мајкл ван Гервен веќе се вратија дома, отворајќи им пат на неочекувани херои.

Таа шанса ја искористи „Хеви Метал“, односно Рајан Сирл, кој се прошета до полуфиналето на Светското првенство. Таму го чека тинејџерската сензација Лук Литлер. До полуфиналето, двајцата загубија по само два сета.

Никој не очекуваше да го види Сирл таму – и тоа не само поради ранкингот, туку и поради неговата неверојатна животна приказна.

Тој боледува од автосомно доминантна оптичка атрофија. Станува збор за офталмолошка состојба која постепено предизвикува пропаѓање на очниот нерв, што доведува до слабеење на видот – а видот е клучен во пикадото.

Тоа неговиот успех го прави уште поневеројатен.

„Дури во последните 18 месеци навистина сфатив каква е точната дијагноза на мојот вид. Видот ми е слаб откако паметам за себе, но да имаш јасна дијагноза навистина е добро, бидејќи знаеш што точно не е во ред со твојот вид. За она што го имам нема лек, така што морам да живеам со тоа“, раскажа Сирл.

Понекогаш од судиите мора да бара една иста работа.

„Сега носам леќи и се обидувам барем малку да го намалам заматувањето на видот. Но, како што гледате, понекогаш на сцената го прашувам судијата колку поени сум освоил, а понекогаш не, што ме доведува во прилично непријатна ситуација. Тешко е.“

Со победата над Џони Клејтон во четвртфиналето (5:2), Сирл си обезбеди награда од 200 илјади фунти, а освојувањето на турнирот во „Alexandra Palace“ би му донело неверојатни еден милион фунти. Сепак, парите не му се во прв план. Фокусиран е на подигање на свеста за тешката болест која ја погодува и неговата фамилија.

„Се обидувам да соберам средства за фондацијата „Cure ADOA Foundation“. Тоа ми значи навистина многу. Очигледно, јас ја имам таа болест. Станува збор за наследна состојба, па ја пренесов на двете мои деца. Мојот син ја нема во толку тежок облик како јас, но кај мојата ќерка е многу изразена“, откри англискиот играч на пикадо.

„До оддалеченост од околу два метра таа сè уште гледа, но потоа видот ѝ се влошува значително. Поради тоа е официјално регистрирана како слабовидна и не мислам дека некогаш ќе вози автомобил кога ќе порасне. Нејзиниот вид е навистина слаб. Затоа ми значи многу ако можам да подигнам свест за оваа болест и да се обидам да пронајдам лек“, заклучи Сирл, чиј сон за голем триумф сè уште живее.