Лила Мос (23), ќерката на познатата манекенка Кејт Мос, од својата мајка освен убавината ги наследила и претприемачките гени.
Неодамна објавените извештаи за сметки покажуваат дека Лила минатата година остварила профит од едем милион фунти во „Grace Grove“, компанијата што ја користи за насочување на своите приходи, пренесе „Дејли Мејл“.
Лила моментално има 1,3 милиони фунти пред плаќањето на сметките, а на својата компанија ѝ должи 670.000 фунти преку директорски кредит. Компанијата „Grace Grove“ ја основала во 2021 година, а ја нарекла според улицата во Хајгејт, северен Лондон, каде што порано живеело нејзиното семејство.

Освен што управува со компанијата, Лила се занимава и со манекенство и работела со брендови како Миу Миу, Пепе Џинс и Марк Џејкобс Бјути. Денес е многу успешна во оваа индустрија, но често се соочува со коментари и обвинувања за непотизам. Меѓутоа, Лила инсистира дека нејзината мајка не влијаела врз одлуката да почне да се занимава со манекенство.

„Искрено, не знам дали мојата мајка очекувала дека ќе се занимавам со модата. Доста сум срамежлива, како и таа – но потполно ја поддржа секоја одлука што ја донесов. Меѓутоа, не ми помогна со моето одење. Ми рече: „Мораш тоа да го почувствуваш. Не знам јас што правам. Едноставно го правам тоа“, изјавила Лила за британски Вог во 2023 година.
Манекенката признала дека нејзината мајка е првата личност на која ѝ се обраќа додека се обидува да се снајде на почетокот од својата кариера, и покрај нивните различни карактери. „Таа е побезгрижна, додека јас сум поорганизирана. Таа е интуитивна, јас дисциплинирана. Знам што ќе правам во среда попладне за месец дена, додека таа има поопуштен однос кон времето. Тоа е добра рамнотежа“, раскажала Лила.

Кејт и Лила во минатото зборувале за нивниот неконвенционален однос. „Во нашата куќа секогаш постоеле правила – секогаш вели „молам“, „благодарам“, никогаш не оди надвор со мокра коса бидејќи ќе настинеш – дури иако не бев толку строга. Сега кога има 21 година, Лила е таа која мене ми поставува правила. „Користи СПФ50, престани да пушиш“, раскажала Кејт пред неколку години. Исто така Мос рекла дека смета дека Лила е позрела отколку што била таа во своите дваесетти години.


„Гледајќи ја како ја гради манекенската кариера ме враќа во 90-тите кога почнував јас, но знам дека работите ќе бидат поинакви за неа. Пред сè, знае дека може да каже „не“ што јас никогаш не го направив, а ги има и вистинските луѓе околу себе – се погрижив за тоа. И да бидеме искрени, многу е поразумна отколку што бев јас на тие години“, додала Кејт.

Инаку, Мос ја добила Лила со Џеферсон Хек, соосновач и извршен директор на компанијата „Dazed Media“. Двајцата биле заедно од 1999 до 2003 година, а по раскинувањето останале во добри односи.