„Renault“ одамна вети дека новиот "Twingo" ќе биде достапен за помалку од 20.000 евра — и тоа ветување ќе го исполни, но не пред пролетта 2026 година.
Новата генерација на "Twingo" ќе биде најпристапниот електричен автомобил на „Renault“, а сега се познати и цените за италијанскиот пазар.
Италијанската подружница на француската компанија официјално ја објави почетната цена од 21.100 евра, како и деталите за специјалните услови за оние што ќе се пријават за „Twingo R Pass“, кој е достапен до 7 јануари 2026. Купувачите што ќе се регистрираат преку оваа програма ќе имаат приоритет при нарачување и ќе добијат пристап до посебни бенефиции.

За нив, покрај "Renault Twingo" по цена од 21.000 евра, ќе биде достапна и опција за додавање напреден пакет за полнење по намалена цена, со што конечниот износ изнесува 21.590 евра. Со државните стимулации на Италија за одредени категории купувачи, оваа сума може да се намали дури до 9.900 евра.
Овој пакет вклучува двонасочен AC полнач од 11 kW, DC полнач од 50 kW и ја овозможува V2L функцијата за двонасочно полнење.

Погонскиот склоп на „Twingo E-Tech Electric“ е веќе добро познат: опремен е со електромотор од 60 kW (82 КС) и 175 Nm, што му овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за 12,1 секунда и максимална брзина од 130 km/h.
Електричната енергија се складира во литиум-јонска батерија со капацитет од 27,5 kWh, што овозможува домет до 263 километри.

„Renault“ го повтори своето ветување дека "Twingo" ќе биде достапен под 20.000 евра — и тоа ќе стане реалност со почетната „Evolution“ верзија, која во продажба пристигнува во пролет 2026 година по цена од 19.500 евра.










