Сонот е неопходен за сите нас, но за жал сè повеќе луѓе не спијат доволно. За да започнете да ги надополнувате изгубените зимски часови, обидете се да ја приспособите исхраната.
Како што наведува „GoodHouseKeeping“, внесот на повеќе минерали како калиум, магнезиум, калциум и железо може да помогне во поттикнување на производството на мелатонин, хормонот одговорен за регулирање на сонот.
Истражувањата покажуваат дека одредени специфични намирници како цреши, јаткасти плодови и овесни снегулки содржат својства што го поттикнуваат сонот и побрзо ве водат во светот на соништата.
Кога се ближи времето за спиење, избегнувајте тешка пржена храна, алкохол, кофеин (како кафе, чај и енергетски пијалаци) и намирници што предизвикуваат киселини, како сос од домати или сок од портокал.
Тие може да имаат целосно спротивен ефект и подолго да ве држат будни. Придржувајте се до овие намирници наведени подолу и мирниот сон ќе биде ваш.
Ф’стаци
Ф’стаците се вистински поттик за спиење; содржат протеини, витамин Б6 и магнезиум, кои придонесуваат за подобар сон. Сепак, воздржете се од претерано големи порции.
Не ја надминувајте порцијата од 30 грама јаткасти плодови. Сè што има премногу калории може да има спротивен ефект и да ве држи будни.
Лубеница
Бидејќи дехидратацијата може да влијае на вашата способност да заспиете и да го одржите сонот, изборот на овошје како лубеница може да ги надомести сите недостатоци. Порција лубеница ќе ве хидрира пред спиење и ќе ја снема гладта по вечерата поради нејзините влакна и волумен.

Банани
Магнезиумот и калиумот во бананите служат како релаксанти за мускулите и нервите. Витаминот Б6 што го има во ова овошје, исто така го претвора триптофанот во серотонин, што дополнително го зголемува опуштањето.
Бадеми
Бадемите содржат триптофан и магнезиум, кои помагаат во природното намалување на функцијата на мускулите и нервите, а истовремено го стабилизираат срцевиот ритам.
Путерот од бадеми или кикирики исто така е одличен избор. Намачкајте го на крекери, банана или тост. Повторно, количината треба да биде помала од една лажица за да не се чувствувате презаситени пред спиење.
Темно чоколадо
Не грижете се, чоколадо можете да јадете и дење и ноќе. Темното чоколадо содржи серотонин, кој го опушта телото и умот, а има и други здравствени придобивки.
Овесна каша
Можеби треба да се обидете да изедете една чинија овесни снегулки пред спиење за полесно да заспиете и да ја преспиете цела ноќ.
„Овесните снегулки го поттикнуваат создавањето на инсулин, слично како лебот од цели зрна. Тие природно го зголемуваат нивото на шеќер во крвта и ве прават поспани. Овесот, исто така, е богат со мелатонин, кој го опушта телото и ви помага да заспиете“, наведува нутриционистката Синтија Паскуела.

Смокви
Смоквите содржат калиум, магнезиум, калциум и железо. Овие минерали помагаат во протокот на крвта и контракцијата на мускулите, што е клучно за заспивањето. Освен што ја намалуваат желбата за десерт, секоја смоква содржи и дополнителни влакна што ве држат сити.
Хумус
Овој намаз од наут е уште еден одличен извор на триптофан. Ако се будите гладни среде ноќ, тоа обично значи дека не внесувате доволно калории преку ден.
Суви сливи
Хранливите материи во сувите сливи, како витамин Б6, калциум и магнезиум, помагаат во создавањето мелатонин, хормонот што го регулира сонот. Користете ги како додаток на јадења или јадете ги посебно, околу 30 минути пред спиење.

Билни чаеви
Не е изненадување, но билниот чај има бројни својства што поттикнуваат поспаност. Камилицата е одлична за смирување на нервите пред спиење. Исто така хидрира и го смирува желудникот, како и чајот од ѓумбир.
Цреши
Најдобриот начин за добар ноќен сон е зголемување на внесот на мелатонин. Црешите, заедно со јаткастите плодови и овесот, се природен извор на мелатонин. Кога се јадат редовно, можат да помогнат во регулирањето на циклусот на спиење.















