Лука Модриќ гостувал кај Славен Билиќ во емисијата „(Не)успехот на шампионите“((Ne)uspjeh prvaka) , која се емитува на телевизијата „Arena Sport“. Во разговорот со поранешниот селектор на хрватската репрезентација, кој го водел години наназад во националниот тим, Модриќ говорел за клучните моменти од својата кариера, приватниот живот и важните личности кои го обликувале.
Една од темите била и неговата сопруга Вања, со која е во брак 15 години и со која има три деца – Иван, Ема и Софија. Модриќ нагласил колку го цени фактот што Вања голем дел од својот живот го посветила на неговата кариера. „Свесен сум дека Вања многу жртвуваше заради мене. Затоа, како што рековте, тоа за мене беше вистински џекпот“, рекол Модриќ.
Модриќ и Вања се запознале кога Лука имал 19 години. Тој ја забележал на стадионот во Максимир, каде Вања, ќерка на тогашната шефица на сметководството на клубот, Весна Јураиќ, доаѓала да ја посети мајка си. Првиот состанок го имале во 2004 година во едно кафуле во Загреб, по долг телефонски разговор што траел со часови. Само шест месеци подоцна почнале да живеат заедно.
Парот имал две венчавки. Прво, во мај 2010 година, додека Вања била бремена, се венчале пред матичар, со интимна прослава во загребскиот ресторан „Округљак“. Година дена подоцна, ја одржале и црковната венчавка. Модриќ повеќепати истакнал дека токму Вања му е најголема поддршка низ целата кариера.
Освен љубовната приказна, Модриќ се осврнал и на своите почетоци во фудбалот. Особено ја истакнал поддршката од родителите, Стипе и Радојка, кои му овозможиле стабилна околина и покрај тешките времиња.
„Никогаш не почувствував притисок. За родителите единствено беше важно да правам она што го сакам и да сум среќен“, рекол.
„Сакаа да ми обезбедат сè што можеле, и повеќе. Никогаш не размислуваа дека ќе постигнам сè што сум постигнал, туку едноставно беа поддршка. Сакав да дадам максимум за да им се оддолжам за сè што направиле за мене.“
Додал дека денес, како татко на три деца, уште подобро ги разбира нивните чувства: „Кога ќе видам дека моите деца направиле нешто добро, нема поголема среќа. Тоа ме водеше и тогаш.“
Во емисијата се осврнал и на растењето за време на Домовинската војна. Иако живеел како бегалец во хотел во Задар, бил опкружен со врсници и пријатели, што му оставило убави спомени.
„Кога денес ќе се сетам, тоа беше среќно детство, и покрај војната и тешкотиите. Бев опкружен со пријатели. Секако дека си свесен за сè што се случува, но сепак… добро ти е, си играл, играл фудбал, си играл криенка, сè што прават децата“, се присетил Модриќ.