Научници објавија вредно истражување: Од 32-та година доаѓа до најсилните промени во структурата на мозокот

Точка

25/11/2025

14:04

778

Големина на фонт

а а а

Група научници од Универзитетот во Кембриџ објави истражување кое говори за реконфигурацијата на невронските патишта во човечкиот мозок низ текот на животот.

Истражувањето, објавено во вторник во списанието „Nature Communications“, објаснува како овие структури се организирани со текот на времето и идентификува пет епохи на човечкиот мозок – односно пет различни периоди на неврален развој.

Авторите заклучуваат дека клучни промени во овој распоред на невронските мрежи се случуваат околу 9-та, 32-та, 66-та и 83-та година од животот.

Откако ги споредиле мозоците на повеќе од 3800 лица на возраст од нула до 90 години, користејќи MRI-скенирање кое ги мапира невронските врски, научниците идентификувале четири клучни пресвртници што го означуваат почетокот и крајот на стареењето на мозокот.

Ова откритие е значајно, особено имајќи предвид дека начинот на кој е мозокот поврзан е тесно врзан со невролошките, менталните и невроразвојните нарушувања.


„Со разбирање на овие клучни пресвртници можеме подобро да разбереме на што е мозокот најчувствителен во различни возрасти. Колку повеќе дознаваме за очекуваните промени во мозочната поврзаност низ животот, толку подобро можеме да разликуваме што се смета за здрава и типична промена, од знаци на нешто што е поврзано со болест или нарушување“, објаснува Алекса Мусли, авторка на студијата.

Првата пресвртница што ја идентификувале истражувачите се случува околу 9-та година. До тогаш, тврдат тие, детските мозоци минуваат низ „консолидација на невронската мрежа“, каде најактивните синапси опстојуваат, а доаѓа и до зголемување на сивата маса (која содржи неврони) и белата маса (составена од врски).

На крајот од оваа прва фаза на детството – која се поклопува со почетокот на пубертетот – мозокот доживува радикална промена во своите когнитивни способности и во социоемоционалниот и бихевиорален развој.

Втората идентификувана фаза, што авторите ја нарекуваат „адолесценција“, го опфаќа периодот од 9-та до 32-годишната возраст. Во овој период, организацијата на сите невронски врски останува приближно константна – целата оваа мрежа станува сѐ попрефинета, а врските сѐ поефикасни.

Сепак, фактот дека оваа втора фаза трае до триесеттата година не значи дека мозокот до тогаш е адолесцентен, појаснува Сандра Довал, професорка по истражување на Меѓународниот универзитет „La Rioja“.

Истражувачката која не била вклучена во оваа студија – објаснува дека „студијата идентификува кога се менуваат обрасците на реорганизација на мозочните врски, а не кога мозокот созрева, старее или опаѓа во функционална смисла“.

Всушност, самите автори истакнуваат дека „преминот во зрелоста е под влијание на културни, историски и социјални фактори“, што ја прави оваа промена повеќе зависна од контекстот отколку од биологијата.

Најсилната промена

На возраст од 32 години, истражувачите од Кембриџ идентификувале уште една пресвртница – најсилната промена во организацијата на невронските мрежи во животот на една личност, велат тие.


Тоа се поклопува со врвот на созревањето на белата маса – други студии веќе покажале дека поврзаноста на мозокот го достигнува својот максимум на почетокот на триесеттите, а промените во архитектурата на невронските мрежи, кои дотогаш се случувале брзо, почнуваат да се забавуваат. Оваа „мозочна епоха“ е најдолгата фаза, која трае од 32-та до 66-та година.

„Овој период на стабилност на мрежата исто така одговара на платото во интелигенцијата и личноста“, се согласуваат авторите.

Научниците истакнуваат дека постои уште една пресвртница на возраст од 66 години, која се поклопува со значајно влошување на здравјето и когнитивните функции во земјите со високи приходи.

Всушност, од оваа возраст натаму може да почнат да се појавуваат деменција или хипертензија, што исто така е поврзано со когнитивен пад и забрзано стареење. Оваа почетна фаза на стареењето трае до 83-та година.

Приближно на таа возраст, се случува последната од пресвртните точки што ги идентификувале истражувачите, означувајќи го почетокот на завршната фаза на мозокот. Иако признаваат дека податоците за оваа фаза се ограничени, тие забележуваат дека различни подрачја на мозокот имаат повеќе тешкотии во комуникацијата.

Сепак, научниците истакнуваат дека овие граници не треба да се сфаќаат како „строги“.

„Разликата меѓу созревањето и стареењето е релативно произволна. Понатаму, важно е да се има предвид дека студијата се фокусира само на поврзаноста на мозокот – не анализира како се менуваат когнитивните аспекти како што се учењето, помнењето, способноста за решавање проблеми итн. низ овие фази“, истакнува шпанскиот научник Рафаел Ромеро Гарика.