Вештачката интелигенција ни го менува мозокот, а не сме ни свесни

Точка

24/11/2025

19:26

656

Големина на фонт

а а а

Вештачката интелигенција брзо го освојува образовниот систем, а најновите истражувања укажуваат дека може да ги менува нашите ментални способности — и тоа често на начини кои воопшто не ги забележуваме.

Според податоците од истражување спроведено на почетокот на годинава, дури 88 проценти од британските студенти користеле AI-алати како „ChatGPT“ за пишување задачи — драматичен пораст во споредба со претходната година. Слични трендови се забележуваат и во САД. Како што "AI" станува дел од секојдневниот академски процес, многумина го користат со образложение дека „и така сите го прават тоа“.


Раните научни наоди веќе предупредуваат

Во експеримент во кој учесниците пишувале есеи со различни нивоа на помош — од комплетно потпирање на "AI" до целосно самостојно пишување — истражувачите забележале значително пониска мозочна активност кај оние кои користеле вештачка интелигенција.

Подоцна, истите учесници биле значително полоши во потсетување на сопствениот текст. Научниците нагласуваат дека станува збор за прелиминарни резултати, но предупредуваат дека постои ризик од пад на способноста за учење кај студентите кои премногу се потпираат на големите јазични модели.

Стравот дека технологијата ја нарушува меморијата не е нов. Уште Сократ предупредувал дека писменоста ќе ја ослаби способноста за паметење. Современите истражувања го потврдуваат тоа: уште во 2011 година беше евидентиран т.н. „Google ефект“, според кој луѓето помалку паметат информации ако знаат дека лесно можат повторно да ги најдат на интернет.


Најголемиот проблем: AI создава илузија дека „учиме“

Експертите сметаат дека клучната опасност е во тоа што употребата на AI изгледа како уредно учење — а всушност го намалува когнитивниот напор. Кога добиваме брзи и точни одговори од вештачката интелигенција, се создава лажно чувство на компетентност, што истражувачите го поврзуваат со врвот на т.н. „Планина на глупоста“, концепт поврзан со ефектот Данинг – Кругер.

И покрај ризиците, универзитетите ширум светот сè повеќе воведуваат формализирана употреба на AI.

„Oxford“ оваа година потпиша официјален договор со „OpenAI“ по успешен пилот-проект, со кој студентите добиваат специјална верзија на „ChatGPT“ со дополнителни безбедносни механизми. Според универзитетот, целта е студентите да се подготват за свет во кој AI е неизбежен дел од академскиот и професионалниот живот.

И други универзитети усвојуваат правила кои не го забрануваат генеративниот AI, туку бараат одговорно користење, со посебен фокус на свесноста за неговите грешки, пристрасности и ризиците од т.н. „AI халуцинации“.


Образованието мора да се менува – децата ќе учат поинаку

Како што AI станува интегрален дел од наставата, експертите предупредуваат дека децата и младите ќе мора да се образуваат поинаку.

Професорката Кејтлин Регир од „University College London“ посочува дека е неопходно развивање образовни програми кои ќе ги научат младите кога е прифатливо да се препуштат на AI во процесот на размислување — а кога мораат да размислуваат самостојно.

Како аналогија ја наведува појавата на физичкото образование по индустријализацијата: ако технологијата ни ги презема менталните напори, ќе ни биде потребна „теретана за мозокот“, односно емоционална и социјална настава која развива критичко мислење и длабинско разбирање.

AI веќе е дел од академскиот свет. Прашањето повеќе не е дали студентите ќе ја користат вештачката интелигенција — туку како ќе научат да ја користат на начин кој не ги ослабува, туку ги развива нивните ментални способности.