Лагуна полна со комарци длабоко во мочуриштето Запата – најголемото недопрено влажно подрачје на Карибите – е место на скромен, но посветен напор за спасување на манхуари, или кубанската риба гар, од истребување.
„Тоа е бисер меѓу кубанските риби“, изјави биологот од паркот, Андрес Хуртадо додека гази низ шумата и се брани од јата комарци, пренесе Ројтерс.
Тој додаде:
„Тие се биолошка реликвија која постои 140 или 150 милиони години, а дури сега е во опасност од истребување.“

Рибата гар – долга, витка, со муцка полна со остри заби – се смета за „критично загрозена“, поради што од 2020 година е на црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).
Векови на прекумерен риболов, губење на живеалиштата и воведувањето на африканскиот сом во 1999 година – ненаситен инвазивен вид што го опустошил некогаш недопреното мочуриште – се виновни за неговото ненадејно и брзо опаѓање.

Одговорот на Хуртадо на овие предизвици започна во мрестилиште во близина на мочуриштето. Таму, неговиот тим смислил метод за размножување на исклучително чувствителниот махунари и производство на храна потребна за негово одгледување пред да се пушти во дивината, со цел да се зајакне загрозената популација во мочуриштето.

Изолацијата, комарците, недостигот на резерви и таинствените навики на овие риби ја отежнуваат, ако не и оневозможуваат, прецизната процена на напредокот на проектот.

Младите риби се со големина на мал молив. Темни и камуфлирани, тие се кријат меѓу непробојните заплеткувања од корени од мангрови и брзо исчезнуваат откако ќе бидат ослободени.

Сепак, како што рекоа научниците постојат знаци дека проектот дава резултати.








