„Пропаѓање на мозокот“: Шокантни резултати од истражувањето за омилените социјални мрежи

Точка

25/11/2025

15:06

524

Големина на фонт

а а а

Спроведената студија уште еднаш ги покажа опасностите од прекумерното користење на телефони, особено на социјалните мрежи.

Здружението на американските психолози спроведе нова студија која се базира на повеќе од 70 претходни истражувања, а кои опфатија речиси 100 илјади луѓе, и нејзините резултати покажуваат нешто што ни е повеќе-или-помалку добро познато. Социјалните мрежи како „TikTok“ и „Instagram“, односно нивната претерана употреба, негативно влијаат на когнитивните перформанси.

Такво нешто веројатно повремено почувствувале сите корисници на паметни телефони, особено оние кои минуваат многу време пред екрани, најмногу скролајќи и постојано барајќи нов интересен видео-клип кој ќе го разбуди допаминот.


Постојано сакаат уште содржина

Неговото ослободување го поттикнува континуираното прелистување (swipe) по екранот за да се добие нова, стимулативна содржина, а на тој начин се создава "вител" во кој, колку повеќе ваква содржина им се прикажува на корисниците, толку повеќе тие постојано сакаат уште.

Она што се случува кога корисниците се постојано изложени на високо стимулирачка и брза содржина, како кратки видеа кои постојано се менуваат, е дека можат да станат послаби при вршење на побавни задачи како читање, решавање проблеми и длабоко учење.

Тоа е поврзано со послаби когнитивни способности како задржување внимание, памтење и слично, но и со други проблеми како лошо влијание врз менталното здравје и благосостојба, недостаток на самопочитување и создавање негативна слика за сопственото тело. Студијата, исто така, ја поврза претераната употреба на споменатите социјални мрежи со зголемен стрес и анксиозност, бидејќи на корисниците им е тешко да ги остават екраните и да се „исклучат“, па имаат проблеми со регулирање на емоциите.


"Brain rot"

Сето тоа накратко доведува до – пропаѓање на мозокот (brain rot) – израз кој многу добро им е познат на младите денес. Според Оксфордскиот речник, тоа се дефинира како влошување на менталната или интелектуалната состојба на една личност, најчесто како резултат на прекумерна консумација на материјал, особено онлајн содржина која се смета за тривијална.

Интересно е што токму „brain rot“, односно пропаѓање на мозокот, беше збор на годината во Оксфордскиот речник за 2024 година.

Покрај тоа, со претераната употреба на екрани се поврзуваат и други добро познати проблеми како социјална изолација – бидејќи луѓето контактите во вистинскиот свет сега ги заменуваат со дигитални интеракции. Иако социјалните мрежи се наменети за поврзување, поради сето наведено, тие на крајот го влошуваат чувството на осаменост.

Бидејќи не станува збор за нов проблем, туку за нешто со кое луѓето со години се борат – зависноста од екрани и нивното негативно влијание врз животот – првиот чекор во решавањето е да се признае дека се претерува со екраните, а потоа да се започне со дигитална детоксикација и враќање во вистинскиот свет. Што е многу полесно да се каже, отколку да се направи.