[ФОТО] Будимпешта: Откриен сочуван римски саркофаг стар околу 1.700 години

Точка

21/11/2025

12:36

668

Големина на фонт

а а а

Во главниот град на Унгарија е откриен исклучително добро сочуван римски саркофаг со тело на млада жена закопано во него.

Археолози од Историскиот музеј во Будимпешта го откриле камениот ковчег, стар околу 1.700 години, за време на обемни ископувања во Обуда, северен дел од градот кој некогаш бил дел од Акиникум, римска населба на границата со Дунав, пренесе АП.

Запечатен со векови, саркофагот бил пронајден со камениот капак сè уште цврсто прицврстен, обезбеден со метални стеги и стопено олово.



Кога истражувачите внимателно го кренале капакот, откриле комплетен скелет окружен со десетици артефакти.

„Посебноста на ова откритие е што саркофагот бил херметички затворен. Никој претходно не го отворил, па затоа останал недопрен“, изјавила Габриела Фењес, главен археолог на ископувањето.


Ковчегот лежел меѓу урнатините на напуштените куќи во квартот Акиникума, испразнет во 3 век, а подоцна користен како гробишта.


Во близина, истражувачите откриле римски аквадукт и осум поедноставни гробови, но ниту еден не можел да се спореди со богатството и недопреноста на запечатената гробница.


Во согласност со римските погребни обичаи, саркофагот содржел низа предмети: два совршено сочувани стаклени садови, бронзени фигури и 140 монети.

Коскена шнола за коса, парче килибарен накит и траги од ткаенина со златни конци, заедно со големината на скелетот, укажуваат дека станува збор за гроб на млада жена.


Предметите, како што истакнала Фењеш, биле подароци што најблиските на починатата ги оставиле покрај неа за нејзиното вечно патување.

„Тие ја погребале починатата со голема грижа. Сигурно многу ја сакале личноста што ја положиле тука“, додала таа.


За време на римскиот период, поголемиот дел од денешна Унгарија бил дел од покраината Панонија, чија граница се протегала по десниот брег на Дунав, на помалку од 1,6 километри од наоѓалиштето.

На кратко растојание се наоѓал легионерски логор кој ја чувал границата на империјата, а се верува дека новооткриените структури припаѓале на цивилната населба што се развила околу него.


Антрополозите сега ќе ги испитаат останките на младата жена, за кои се очекува да откријат повеќе за нејзината возраст, здравје и потекло.

Меѓутоа позицијата на гробот и богатството на артефактите зборуваат многу.

Саркофагот и неговата содржина дефинитивно го издвојуваат, рекол Гергељи Костјал, експерт за римскиот период и еден од раководителите на проектот.


„Ова веројатно значи дека починатата била богата или со повисок општествен статус. Јасно е дека овој ковчег бил направен само за починатата“, истакнал тој.

Според Фењес, археолозите не пронашле обетки или друг накит што ѝ припаѓал на жената, па затоа таа се надева дека овие мали предмети ќе се појават за време на просејувањето на калта.

За Фењес, откривањето на римскиот саркофаг не е само научно значајно, туку и емоционално моќен увид во посветеноста што луѓето во дамнешни времиња ја покажувале кон своите најблиски.