Ова е највредната супстанција во светот: Толку е скапа што ни најбогатите луѓе на планетата не би можеле да си дозволат ни еден грам

Точка

18/11/2025

17:20

1.367

Големина на фонт

а а а

Кога се зборува за најскапите супстанции на светот, повеќето луѓе замислуваат дијаманти, растопено злато и ретки минерали. Но, бесконечно поскапа и многу поезотерична „работа“ се крие во светот на напредната физика – станува збор за антиматеријата.

Антиматеријата е материја составена од античестички. Во природата секоја честичка има своја античестичка – кога тие ќе се судрат, меѓусебно се поништуваат ослободувајќи огромна енергија во форма на електромагнетни бранови.


Иако потенцијалот на антиматеријата е огромен, нејзините посложени форми засега не можеме да ги произведеме во лаборатории. Затоа не е чудно што еден грам од оваа недофатлива материја се проценува на околу 62,5 трилиони американски долари.

За појавата на античестичките прв пишувал англискиот физичар Пол Дирак, кој во 1930-тите години од минатиот век дошол до револуционерното откритие на позитронот или антиелектрон – честичка со иста маса како електронот, но со спротивен набој. Следејќи ја неговата логика, подоцна биле идентификувани антипротон и антинеутрон како спротивност на протоните и неутроните.


Енергијата која во теорија се ослободува при уништувањето на материјата и антиматеријата ја засенува дури и нуклеарната експлозија, па научниците ова поле го истражуваат со голема претпазливост, но и со огромна љубопитност.

Научните испитувања, а особено експериментите во CERN во Швајцарија со создавањето на антиводород уште во 1995 година, покажаа дека потенцијалот на антиматеријата не е само научна фантастика од книги, серии и филмови. Истовремено, тие укажаа и на важноста од обезбедување на нејзината стабилност, што бара прецизност и иновации на атомско ниво.


Ваквите експерименти се возможни благодарение на суперсудирачот – најголемиот светски акцелератор на честички, сместен во кружен тунел долг 27 километри во близина на Женева, Швајцарија. Тој троши огромни количества електрична енергија и други ресурси, па затоа не е ни чудно што производството на антиматерија доаѓа со астрономски трошоци.