ТикТок повторно се надмина себеси кога станува збор за болни и штетни трендови. Овие денови, платформата е преплавена со видеа од родители кои, пред Ноќта на вештерките, ставаат хорор маски и намерно ги плашат своите мали деца. Децата врескаат, плачат, се тресат, паѓаат на под, се обидуваат да побегнат, додека возрасните зад камерата гласно се смеат и сето тоа го снимаат.
Морничаво, болно и несфатливо – а на социјалните мрежи тоа се нарекува „забава“.
Во ера кога сè се мери со лајкови, дури и детскиот страв стана содржина за кликови. Овие видеа што „собираат прегледи“, всушност се документи за емоционално малтретирање на деца. Бидејќи да, психолозите велат дека ова е облик на злоупотреба. Можеби без физички повреди, но со длабоки психолошки последици.
Родителот, кој треба да биде симбол на сигурност и прибежиште од сè што плаши, во тие моменти станува извор на ужас. Детето на таа возраст не прави разлика меѓу шега и реална закана. Кога ќе види маска и ќе слушне вресоци, неговиот мозок реагира како да е во смртна опасност. Срцето му чука силно, телото му се тресе, а ликот на родителот – оној кој треба да го заштити – засекогаш се поврзува со страв и предавство.
Психологот Марија Остоиќ објаснува:
„Малото дете не знае дека под маската се мама или тато. За него, тоа е чудовиште што го напаѓа, додека другиот родител набљудува и се смее. Ваквото искуство може да предизвика длабоко чувство на несигурност и загуба на доверба. Потоа следуваат кошмари, страв од темнина, одбивање да останат сами, а кај некои деца се развиваат анксиозност и тикови“.
Ова не е шега. Ова не е забава. Ова е суровост завиткана во „тренд“, а зад секое такво видео стои дете што не знае како да се одбрани. Кога возрасните уживаат во снимање на туѓ страв – особено стравот на сопственото дете – тоа веќе не е „забава“, туку огледало на едно општество што опасно се оддалечило од емпатијата.
Родител кој го плаши своето дете само за да има „интересно видео“, не ја разбира суштината на родителството. Детето не е реквизит за содржина. Не е актер во вашиот хорор. Тоа е човечко суштество што ве гледа како свој цел свет – а вие тој свет го претворате во кошмар.
Ноќта на вештерките може и треба да биде забавна – костими, слатки, игра, заедничко правење тикви. Но никогаш, во ниту еден облик, на сметка на детскиот плач. Смеата на возрасните врз грбот на детскиот страв не е смеа – тоа е симптом на нешто многу подлабоко и поразително: загубата на основната човечност“.