Најмладиот син на американскиот претседател Доналд Трамп, Барон Трамп (19), ретко се појавува во јавноста, но во последно време привлекува сѐ поголемо внимание во медиумите и кај финансиските аналитичари.
Иако и натаму е студент, Барон веќе создал огромен деловен успех и тоа во светот на криптовалутите, во рамките на компанијата „World Liberty Financial“ која ја основал заедно со татко му и постарите браќа.
Доналд Трамп којшто неодамна се врати на политичката сцена, во неколку наврати истакнал дека најмладиот наследник Барон Трамп му помага да ги придобие помладите бирачи.
Според неговите зборови, токму син му бил тој којшто го советувал да гостува во емисијата на познатиот комичар и поткастер Џо Роган за да се доближи до помладата публика.
Освен тоа, актуелниот претседател на САД признал дека Барон го вовел во основата на криптовалутите, областа која подоцна станала еден од главните извори на новото богатство на семејството Трамп.
Барон, којшто Доналд го има од бракот со Меланија Трамп е коосновач на спомнатата компанија и платформа за криптовалути и децентрализирани финансии која ја води заедно со татко му Доналд и браќата Ерик и Доналд Помладиот.
Според процената на магазинот „Forbes“, оваа компанија на семејното богатство додала над 1,5 милијарди долари, од кои околу 150 милиони му припаѓаат токму на најмладиот наследник на империјата Трамп.
Барон е роден 2006 година и имал само девет години кога неговиот татко ја најавил кандидатурата за Белата куќа. Кога во 2024 година се запишал на колеџ, истовремено се приклучил на проектот „World Liberty“ којшто се докажал како негов прв, но исклучително добар деловен потфат.
Иако има само 19 години, веќе има богатство кое се проценува на над 150 милиони долари и репутација на еден од најмладите успешни претприемачи во САД.
Неговото влијание, како на семејниот бизнис така и на татковата политичка кампања е сѐ поочигледно, а многу од аналитичарите сметаат дека токму Барон би можел да биде „новиот Трамп“ во децениите кои доаѓаат.