Голем пробив во лекувањето на ракот на дебелото црево и панкреасот? „Новите резултати внесуваат надеж кај пациентите“

Точка

20/08/2025

11:01

1.577

Големина на фонт

а а а

Туморите на дигестивниот тракт, меѓу кои и ракот на панкреасот и дебелото црево, сочинуваат околу 26 отсто од сите малигнитети во светот.

Ефикасното лекување на овие тумори често е отежнато од мутации на генот KRAS, кои го забрзуваат напредувањето на болеста и драстично ги намалуваат шансите за преживување. Потенцијален голем пробив би можела да донесе експерименталната вакцина ELI-002 2 P. Најновите истражувања покажуваат дека таа може ефикасно да го одложи враќањето на ракот и да го подобри преживувањето. Резултатите се навистина ветувачки.

Вакцината ELI-002 го „учи“ имунолошкиот систем

Ракот на дебелото црево моментално е третиот најчест малигнитет во светот и втор најчест причинител на смрт кај карциномите. Ракот на панкреасот се јавува поретко – дванаесетти е по зачестеност, но на листата на смртност е на шесто место меѓу најопасните. И двата вида тумори силно се поврзани со мутациите на генот KRAS, кои го забрзуваат развојот на болеста и го ограничуваат преживувањето. Тоа ја покажува важноста на истражувањето за експерименталната вакцина ELI-002.

Во студија објавена во престижното списание „Nature Medicine“ учествувале 25 пациенти со рак на панкреас или дебело црево, кои биле оперирани, но сè уште имале траги од туморска ДНК во крвта. Присуството на циркулирачка туморска ДНК (ctDNA) е еден од главните показатели за ризик од повторување на болеста.

Учесниците примале инјекции од ELI-002 – вакцина која го активира имунолошкиот систем да ги препознае и уништува канцерогените клетки. Како што изјави проф. Зев Вајнберг за „Medical News Today“, „оваа вакцина може безбедно и ефикасно да го обучи имунолошкиот систем да ги препознае и потисне мутациите кои предизвикуваат рак“.


Резултатите внесуваат надеж

По речиси 20 месеци следење, научниците утврдиле дека просечното време на преживување без повторување на болеста изнесувало повеќе од 16 месеци, додека вкупното преживување било скоро 29 месеци. Тоа е далеку подобро од претходните податоци, каде што медијаната до враќање на болеста изнесувала само 5 – 6 месеци.

Особено важно е што кај 24 отсто од пациентите дошло до целосно исчезнување на туморските биомаркери, а кај 67 отсто се развил имунолошки одговор и кон други мутации на туморот. Ова е од особено значење кај карциномите поврзани со мутациите KRAS, кои досега претставуваа еден од најголемите предизвици во онкологијата.

Сепак, експертите предупредуваат дека ова е само почеток. Понатамошните истражувања треба да покажат дали вакцината може да се користи и превентивно, пред болеста целосно да се развие.

Научниците веќе планираат дополнителни испитувања во рамките на студијата AMPLIFY-7 P, која ќе ја спореди ефикасноста на вакцината со сегашните стандарди на лекување. Доколку резултатите ја потврдат делотворноста на ELI-002, тоа би можело да значи вистинска револуција во терапијата на тумори поврзани со мутациите KRAS.


Што велат експертите за експерименталната вакцина?

Експертите цитирани од „Medical News Today“ ги оценуваат последните резултати како извонредно оптимистички и го нагласуваат потенцијалот на вакцината.

Д-р Антон Билчик, онколошки хирург од „Providence Saint John’s Cancer Institute“, истакнува дека резултатите се „многу возбудливи и иновативни“. Тој потсетува дека имунотерапијата досега не била успешна кај рак на панкреас, а само кај мал број пациенти со напреднат рак на дебелото црево.

„Оваа студија отвора нови можности имунотерапијата да стане делотворен метод во лекувањето на смртоносни тумори како што е ракот на панкреасот“, вели тој.

Слично мислење дели и д-р Усман Шах, директор за онкологија на дигестивниот тракт во „Atlantic Health’s Overlook Medical Center“.

„Мутациите KRAS се чести кај многу солидни тумори и се поврзани со лоша прогноза. Фактот дека вакцината ELI-002 предизвикува силни и долготрајни имунолошки одговори нуди нова стратегија за превенција на повторување на ракот кај пациенти со висок ризик“, коментира Шах.

Ракот на панкреас и дебелото црево и понатаму остануваат меѓу најагресивните форми на карцином, но експерименталната вакцина внесува надеж дека резултатите од лекувањето би можеле значително да се подобрат. Иако до нејзина широка примена можеби ќе помине уште време, веќе сега предизвикува огромен интерес во медицинските кругови.