Дали би користеле „робот сурогат“? Кина го развива првиот „бремен хуманоид“ способен да роди живо бебе

Точка

22/08/2025

12:19

678

Големина на фонт

а а а

Звучи како нешто што постои само во научно – фантастични филмови. Но, научниците во Кина работат на развој на првиот „робот за бременост“, кој ќе може да изнесе бебе до крај на термин и да го роди.

Хуманоидот ќе биде опремен со вештачка матка која ќе прима хранливи материи преку цевка, објаснуваат експертите.

Прототип и цена

Прототипот се очекува веќе следната година, со продажна цена од околу 100.000 јуани (приближно 10.000 фунти). Зад развојот стои д-р Жанг Чифенг, основач на компанијата "Kaiwa Technology".

Уредот, според него, нема да биде обична инкубаторска машина, туку хуманоид способен да го реплицира целиот процес – од зачнување до породување. „Технологијата на вештачка матка е веќе во ’зрела фаза‘, а сега треба да се имплантира во абдоменот на роботот, за да може вистинска личност да комуницира со него и да постигне бременост“, изјавил Жанг.


Етички и правни прашања

Во врска со етичките и правните дилеми, тој истакна дека веќе се одржале дискусии со властите во провинцијата Гуангдонг, како и дека се поднесени предлози за регулација и законска рамка. Сè уште нема детали како точно ќе се одвива процесот на оплодување и имплантација на ембрионот во вештачката матка.

Откритието беше објавено во интервју споделено на платформата "Duoyin" (кинеската верзија на "TikTok").


Поделени реакции во јавноста

Веста предизвика жестоки дискусии на кинеските социјални мрежи. Критичарите ја оценија технологијата како етички проблематична и „неприродна“, предупредувајќи дека лишувањето на фетусот од мајчинска врска е сурово.

Сепак, имаше и многу поддршка – дел од јавноста ја гледа како начин да се намали страдањето на жените во текот на бременоста. „Многу семејства трошат огромни суми на вештачко оплодување, а сепак не успеваат. Развојот на робот за бременост е придонес за општеството“, напиша еден корисник.

Од „био-вреќа“ до хуманоид

Претходно, научници успешно одржаа предвремено родени јагниња во вештачка матка – т.н. „био-вреќа“ која им обезбедуваше хранливи материи и амнионска течност. По 28 дена, јагнињата добија на тежина и развија волна, иако без оваа технологија најверојатно би починале.

За разлика од таа инкубаторска технологија, „роботот за бременост“ има цел да го поддржува фетусот од зачнување до породување.


Феминистички и етички гледишта

Од 1970-тите години, феминистички активистки, како Андреа Дворкин, остро се противат на вештачките матки, предупредувајќи дека тоа може да значи „крај на жените“. „Вистинското прашање е – откако ќе се усоврши вештачката матка, ќе сакаат ли мажите воопшто да ги задржат жените?“, напишала Дворкин во 2012 година.

Во 2022 година, истражувачи од Детската болница во Филаделфија објавија анализа за етичките последици: „Постои опасност ова да доведе до девалвација на бременоста и да го намали чувството на смисла и самореализација што жените го извлекуваат од овој уникатен биолошки процес.“


Податоци и реалност

Интересно, истражување од почетокот на оваа година покажа дека 42% од младите на возраст 18 – 24 години би поддржале „развивање фетус целосно надвор од женското тело“.

Овој развој потсетува на филмот "The Pod Generation" (2023), каде што технолошка корпорација нуди „приклучни“ вештачки матки за парови.

Доколку овој проект се реализира, може да биде решение за растечката неплодност во Кина. Според извештаи, стапката на неплодност пораснала од 11,9% во 2007 година на 18% во 2020 година. Локалните власти веќе воведуваат покривање на вештачко оплодување и ин витро процедури преку здравствено осигурување.