Замислете пат полн со кривини, мостови и тунели, кој се искачува како змија низ планински врвови – токму тоа е Трансфагарашан во Романија, честопати нарекуван „пат кон небото“.
Оваа спектакуларна рута, долга 114 километри, се протега од градот Картисоара до општината Куртеа де Арџеш, преминувајќи ги Јужните Карпати, познати и како Трансилвански Алпи.
Највисоката точка се наоѓа на 2.042 метри надморска височина, во близина на ледничкото езеро Балеа.
На ова патување ќе се сретнете со 27 вијадукти, дури 831 мост и пет тунели, што дополнително ја зголемува возбудливоста на возењето. Искачувањата и острите кривини што водат кон масивот Фагараш и највисокиот врв во Романија – Молдовеану (2.544 м) – ја прават оваа рута посебна во светски размери.
Не е ни чудо што Трансфагарашан е омилена дестинација за мотоциклисти, велосипедисти и зависници од адреналин.
Во минатото, трговците бавно напредувале низ овие планински превои, борејќи се со тежок терен и кањони. Идејата за модерниот пат потекнува од романскиот диктатор Николае Чаушеску, кој сакал војската да може брзо да се движи низ овој стратешки дел од земјата.
Поради силниот ветер, густата магла и суровите зимски услови, Трансфагарашан е затворен во текот на есента и зимата.
Вообичаено се отвора кон крајот на јуни и останува прооден до крајот на август. Иако може да се помине за околу три часа без пауза, повеќето патници остануваат цел ден, истражувајќи го шармот на планинскиот пејзаж.
Меѓу знаменитостите што вреди да се посетат се кулите на манастирот Куртеа де Арџес од 16 век, гробницата на првите романски кралеви и кралици, потоа замокот Поенари – познат како вистинскиот замок на грофот Дракула – како и вештачкото езеро и браната Видрару, и езерото Балеа, кое го одзема здивот со својата убавина.