Кога ќе помислиме на паровите кои ги нарекуваме „заљубени гулапчиња“, обично замислуваме двајца кои се многу вљубени еден во друг, совршено се усогласени и поврзани. Меѓутоа зад таквите врски, сепак, се кријат специфични однесувања и навики кои ги разликуваат од врските кои се само долгорочни, вели психологот Марк Траверс.
„Вистинските љубовни врски се топли, страсни, полни со нежност и поддршка. Додека некои парови остануваат заедно за да ја избегнат непријатноста од раскинувањето, заљубените партнери активно работат на развивањето на нивната врска, правејќи ја исполнета и богата“, изјави тој за „Psychology Today“.
Исто така една нова студија објавена во август покажа дека два клучни знаци ги дефинираат ваквите врски, правејќи ги исклучително задоволувачки. Траверс подетално ги објасни знаците кои укажуваат на исклучително среќна и здрава врска или брак.
Основата на љубовната врска е реципроцитетот, каде и двајцата партнери подеднакво вложуваат во одржувањето и зајакнувањето на врската. Ова вклучува напор да се разберат меѓусебните потреби, цели и граници. И двајцата ја препознаваат важноста од обезбедување и примање поддршка, со што го овозможуваат индивидуалниот и заедничкиот раст.
Траверс објаснува: „Заемната грижа создава простор на доверба и отвореност, каде што секој партнер може да биде автентичен. На пример, ако едниот партнер сака да го продолжи своето образование, другиот го поддржува, иако тоа може да значи привремено приспособување на нивните заеднички рутини. Во таквата врска поддршката се дава слободно и со разбирање, бидејќи среќата и личниот развој на партнерот се приоритет.
Заљубените парови особено ги ценат моментите кои ги поминуваат заедно. „Тие негуваат романтични моменти, не само на посебни датуми, туку секојдневно, преку мали, но значајни гестови. На пример, уживаат во долга прегратка пред да одат на работа, во утринска заедничка прошетка или посветуваат време за разговори без смеќавање“, вели психологот.
Тој додава дека ваквите мали гестови создаваат позитивни спомени кои ја зајакнуваат врската и ја прават возбудлива, дури и по многу години.
Физичката интимност, вклучувајќи едноставни гестови како држење за раце, исто така игра важна улога во создавањето чувство на сигурност и страст во врската, истакнува Траверс.
„Ако се препознавате себеси во овие описи, веројатно сте дел од длабоко исполнета врска. Но, таквите врски не се случуваат сами по себе – тие бараат секојдневно внимание и вложување. Фокусот на заемните и романтичните моменти може да биде трансформативен за секоја врска. Магијата на вистинските љубовни врски лежи во тоа што партнерите никогаш не се земаат „здраво за готово“. Тие секојдневно се избираат еден со друг, наоѓајќи радост во заедничките моменти и негувајќи го пламенот на љубовта преку мали, но значајни гестови“, заклучува психологот.