Решена мистеријата на „морничавата, врескачка“ мумија – се претпоставува дека починала во агонија

Точка

02/08/2024

19:33

13.843

Големина на фонт

а а а

Со децении археолозите ги збунуваше невообичаениот и морничав изглед на „врескачката“ мумија. Зошто била балсамирана со таков изглед, дали некој од балсамерите згрешил и како всушност починала?

Оваа необична мумија била пронајдена во 1935 година кога се спроведувале ископувања во близината на местото Луксор во Египет, на подрачјето каде се простирал древниот град Теба. Експертите под гробницата на Сенмут (кралскиот архитект и наводен љубовник на познатата египетска владетелка Хатшепсут) откриле посебна гробно место, во кое се наоѓале телата на неговата мајка Хат – Нуфер и на останатите членови на неговото семејство.


Токму во тоа гробно место беше пронајдена оваа необична мумија на постара жена. Се наоѓала во древен ковчег, имала црна перика и два прстени. Тоа што било особено зачудувачко е изразот на нејзиното лице – широко отворена уста и згрчено лице.

Материјалот за балсамирање не бил евтин

„Гледаме дека била балсамирана со скап, увозен материјал. Тоа им противречи на претходните хипотези дека се работело за лошо спроведена мумификација“, изјави радиологот Сахар Салим од универзитетот во Каиро. Taa по пат на компјутерска томографија, електронска микроскопија и други напредни технологии, виртуелно ја „секцирала“ мумијата за да ја процени нејзината старост и да ја идентификува патологијата и нивото на сочуваност.


Анализата покажала дека иако поминале речиси 2500 години мумијата сè уште била во добра состојба. На оваа мумија од постара жена во моментот на смртта и недостасувало неколку заби додека другите биле скршени или истрошени. „Некои заби можеби ѝ биле извадени. Стоматологијата била развиена во древен Египет“, вели Салим.

Боледувала од артритис

Компјутерската томографија покажала дека врескачката мумија била висока 154 центиметри и дека починала на 48 годишна возраст. Боледувала од полесна форма артритис на ’рбетот, што било видливо поради присуството на остеофити (коскени израстоци). Салем немала пронајдено исеченица којашто е често присутна кај балсамирањата, а во мумијата сè уште се наоѓале мозокот, срцето, белите дробови, црниот дроб, слезината, бубрезите и цревата.


Ова е малку невообичаено бидејќи класичната метода на мумификација во Новото Кралство (период во историјата на древниот Египет, 16 и 11 век пр.н.е), вклучувала отстранување на сите органи на починатиот освен срцето. Спектроскопијата покажала дека жената била балсамирана со темјан и смрека – скапи материјали кои Египет ги увезувал од источен Медитеран како и од јужна Арабија. Природната коса на мумифицираната жена била обоена со масло од смрека и кана. Долгата перика изработена од влакната на стеблото од палми, дополнително била обработена со кристали од магнетит и албит, веројатно за да се прицврстат прамените од косата и за да вештачките влакна ја добијат посакуваната црна боја која за древните Египќани симболизирала младост.

Причината за „ужасниот“ израз

Со оглед на тоа дека експертите не ја откриле точната причина за смртта се поставува прашањето која била причината за тој морничав изглед на лицето на мумијата. Бидејќи е потврдено дека бил употребуван скап материјал за балсамирање очигледно е дека не се работело за некое површинско балсамирање при што невнимателните Египќани можеле да заборават да ја затворат устата на починатата.


„Изгледот на мумијата можеби укажува на каталептичка вкочанетост. Жената веројатно починала врескајќи од болка и агонија“, претпоставува Салим. Каталептичката односно моменталната мртовечка вкочанетост е редок облик на мускулна вкочанетост која се појавува во моментот на смртта, а поради која телото останува во иста положба сè до настапувањето на мртовечката вкочанетост.


Овој вид на вкочанетост вообичаено се поврзува со насилна смрт, големи болки пред смртта и интензивни емоции. „Најверојатно го мумифицирале вкочанетото тело пред тоа да се олабави поради што останал таквиот израз на лицето и устата. А можно е и балсамерите да не можеле да ја затворат устата на починатата поради вкочанетите мускули“, објаснува Салим.




Спонзорирани линкови

Маркетинг