„Најголемата опасност во моментов доаѓа од луѓе со лоши намери кои со помош на "AI" можат да извршат измами, да ги нарушат електроенергетските мрежи или да ги загрозат банкарските системи“ – изјави Бил Гејтс
Коосновачот на „Microsoft“ и филантроп Бил Гејтс денес изјави дека постигнувањето меѓународен договор за регулирање на вештачката интелигенција би можело да биде потешко од преговорите за време на Студената војна за ограничување на нуклеарното вооружување.
Тој во интервју за „NBC News“ истакна дека Соединетите Американски Држави треба да ги предводат напорите за воспоставување правила за развојот на "AI".
„Ова е потешко отколку што беше тогаш“, рече Гејтс, коментирајќи ја можноста за постигнување глобален договор за вештачката интелигенција.
Гејтс оцени дека владите треба да бидат вклучени во надзорот на начинот на кој функционира вештачката интелигенција и дека воведувањето системи за следење не би го забавило развојот на технологијата ниту би ја загрозило позицијата на САД во однос на Кина.

Говорејќи за ставот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се противи на воведување федерални ограничувања за компаниите што развиваат "AI"-модели, Гејтс рече дека очекува да биде постигната согласност кога Трамп и другите ќе се уверат дека безбедносните мерки нема да ја ослабнат американската позиција во технолошкиот натпревар со Кина.
Гејтс потсети дека САД во минатото ги предводеле меѓународните договори во области како безбедноста во воздухопловството, заштитата на озонската обвивка и нуклеарното вооружување, оценувајќи дека сличен пристап треба да се примени и на вештачката интелигенција.
Загриженоста поради развојот на "AI" дополнително се зголеми по предупредувањето на поранешниот вработен во компанијата „Anthropic“, Џејкоб Коксон, кој рече дека луѓето што развиваат вештачка интелигенција сериозно веруваат дека таа до крајот на деценијата би можела да го загрози човештвото.
Директорите на компаниите „Anthropic“ и „OpenAI“, Дарио Амодеи и Сем Алтман, исто така оценија дека е потребно да се забави развојот на "AI" поради можноста технологијата наскоро да достигне ниво на „суперинтелигенција“ која би го надминала човечкото размислување.

Гејтс, меѓутоа, нагласи дека вниманието во моментов мора да биде насочено и кон непосредните ризици.
Според неговите зборови, најголемата опасност во моментов доаѓа од луѓе со лоши намери кои со помош на "AI" можат да извршат измами, да ги нарушат електроенергетските мрежи или да ги загрозат банкарските системи.
„Мали групи со помош на "AI" можат да го направат она што порано можеа да го направат само најголемите држави“, рече Гејтс, оценувајќи дека владите мора да бараат безбедносни механизми и надзор за да се спречат сериозни инциденти.
Тој особено го истакна значењето на следењето на однесувањето на "AI"-системите во самите лаборатории, наведувајќи дека таквиот надзор би им овозможил на полицијата и на другите надлежни институции да утврдат што се случило во случај на големи сајбер-напади или други злоупотреби.

Гејтс рече и дека воведувањето заштитни механизми не мора да го забави развојот на "AI", додека предлогот за воведување „прекинувач за исклучување“ на системите во случај на опасност го оцени како недоволен без внатрешен надзор и водење евиденција за работата на "AI"-системите.
Говорејќи за работата на Фондацијата Гејтс, тој рече дека оваа организација соработува со околу 60 компании за развој на вештачка интелигенција со цел да ја подобри поддршката за јазиците кои не се меѓу најзастапените светски јазици.
Гејтс наведе дека стапката на грешки на АИ-системите кај африканските јазици во моментов е околу 10 пати поголема отколку кај англискиот јазик, што, особено во областа на здравството, може да биде многу опасно, пренесува „Tanjug“. Тој додаде дека фондацијата користи "AI" и во својата работа, меѓу другото и за собирање на најновите податоци за маларијата и неухранетоста, со цел поефикасно да ги насочува средствата за глобалното здравје.














