„Испратив порака на погрешен број и се омажив за странецот кој ми одговори: Судбината ги вмеша своите прсти, а денес имаме 6 деца“

Кармин

29/04/2024

14:51

9.410

Големина на фонт

а а а

Наместо во август 2009 година да ѝ прати порака на пријателката на нејзината сестра, Бренда Стернс случајно испратила порака до потполно непознат човек. Пораката ја примил нејзиниот сегашен сопруг Исаија, кој одлучил да започне разговор. Двајцата набрзо потоа станале пар и се вериле 6 месеци по средбата.

Бренда смета дека нивната врска била предодредена: „Верувам дека тој требаше да ја прими мојата порака и дека требаше да бидеме во оваа врска. Судбината нè спои“.

Таа вели дека до тој момент често фантазирала за нејзиниот сопруг и каков би бил тој, а за Исаија вели дека тој ја прави подобра личност и дека ѝ е драго што токму тој е вистинскиот. Кога почнале да пишуваат пораки, Бренда работела како канцелариски асистент и живеела во Џорџија, речиси илјада милји оддалечена од Исаија, помошник во складиште, во Охајо.


Погрешната порака која Бренда ја испратила била библиски пасус за ставање на другите на прво место. Исаија одговорил: „Амин за тоа, кој е ова?“.

И двајцата откриле дека се христијани, па почнале да си разменуваат пораки, а Исаија следниот ден ја побарал Бренда. Бренда признала: „На почетокот не ми беше многу пријатно затоа што никогаш претходно го немав сретнато. Намерно не се јавив. Но, длабоко во мојот ум се надевав дека ќе остави говорна пошта како би можела да го чујам неговиот глас – звучеше искрено и автентично, па го побарав и јас“.

Од друга страна, Исаија вели дека активно ја барал вистинската личност за врска, а откако ја добил пораката на Бренда и го прочитал библискиот стих – започнал разговор.

„Додека продолживме да разговараме, во рок од 2-3 недели сфатив дека ми се допаѓа и дека сакам подобро да ја запознаам. Нема шанси ова да беше случајност“, додал тој.


Како што разговарале сè повеќе и повеќе, Бренда дознала дека Исаија живеел само на еден час оддалеченост од нејзината мајка. Но, тоа не била единствената чудна случајност – поради проблеми со неговиот провајдер на мобилната мрежа, Исаија всушност ги променил телефонските броеви истиот ден кога Бренда првпат му испратила порака. „Го променил бројот и ја добил мојата порака 30 минути подоцна – никој друг не знаел дека го има тој број во тоа време“, зборувала Бренда. Што е уште побизарно, Бренда всушност планирала да испрати порака на пријателката на нејзината сестра претходно истиот ден, но имала нешто поважно и заборавила да притисне „Send“: „Да ја испратев пораката тоа утро, тој никогаш не би ја добил“.

Откако размениле фотографии, мислењето на Бренда за Исаија било дека е навистина згоден и започнале редовно да разговараат. Исаија ѝ се јавувал на Бренда секој втор ден и почнале подобро да се запознаваат и да имаат чувства еден кон друг.

Меѓутоа, Бренда сè уште не била сосема сигурна дали може да му верува на Исаија: „Се колебав бидејќи не го запознав „тет а тет“. Чувствував дека можеби ме лаже, можеби е кретен, па затоа и бев малку исплашена“.


Сакајќи совет, Бренда се доверила на нејзината мајка за оваа ситуација, а таа ѝ предложила таа да се најде со Исаија за да го провери. Мајката и сестрата на Бренда наместо неа се сретнале со Исаија. Девојката била нервозна поради оваа ситуација бидејќи, како што вели и самата, сето тоа било толку ненормално. За време на состанокот, Бренда чекала дома, нетрпелива да слушне повратни информации од своето семејство.

„Цела вечер чекав да ми се јави мајка ми. Кога го направи тоа, ја замолив да го оцени Исаија од 1 до 10. Мојата мајка изговори: ’11, ќе се омажиш за овој човек‘ Фактот дека го кажа тоа, ме натера да се замислам дека сето ова е судбина“, продолжила Бренда. Додала и дека Исаија веројатно бил навистина одличен, со оглед на тоа што нејзината мајка е многу пребирлива кога станува збор за изборот на партнерите на нејзините ќерки.


На крајот, тие се договориле за првпат да се сретнат во декември 2009 година, но кога се чинело дека работните обврски на Бренда ќе го нарушат тој план – Бренда донела драстична одлука. Таа и нејзиното семејство планирале за Божиќ таа патуваат заедно, па нејзината мајка ѝ предложила да го повика и Исаија. Додала: „Се подготвував да тргнам, а само еден ден пред мојот годишен одмор, шефот ми рече дека ќе треба да останам во канцеларија. Во тој момент одлучив да дадам отказ и помислив дека одлуката која ќе ја донесам сега ќе влијае на остатокот на мојот живот“.

Откако се вратила кај нејзината мајка во Охајо, Бренда договорила состанок со Исаија. Првпат кога го здогледала, помислила колку е висок, сладок и многу убав. Тој ден одлучиле дека ќе бидат заедно. Исаија се надоврзал: „Првпат кога ја видов Бренда, беше толку убава, имаше прекрасна насмевка и помислив дека е уште подобра отколку што си замислував“.


Врската на Бренда и Исаија брзо напредувала, а на Денот на вљубените во 2010 година тој ја запросил. Ѝ приготвил убава вечера и направил торта во форма на срце во која го скрил прстенот.

Наоѓајќи го прстенот, тој клекнал на едното колено и ја запросил. „Знаев дека сум вљубена во него и во срцето веќе знаев дека сакам да бидам со него. Бев многу возбудена и секако дека реков ’да‘“, зборувала Бренда. Се венчале во јуни 2010 година и сега имаат 6 деца заедно.


Бренда отсекогаш сакала да биде мајка и веднаш почнале да се обидуваат да добијат бебе, а два месеци подоцна дознала дека е бремена. „Постојано на нашите деца им раскажуваме за тоа како се запознавме. Тие мислат дека тоа е толку убаво и неверојатно и сакаат да ги знаат сите детали. Не постои правилен или погрешен начин да го запознаете вашиот партнер. Толку е убаво и неверојатно како љубовта може да се појави таму каде што најмалку очекуваме“, додала Бренда.



Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk