Арпад Штербик: Животот во Скопје ми е поубав од Барселона

Точка

03/04/2017

15:43

26.831

Големина на фонт

а а а

Арпад Штербик е српски ракометен голман со унгарско потекло, кој моментално игра за РК Вардар. Во својата кариера, Штербик ги бранел и боите на репрезентацијата на СР Југославија.

Во 2005 година, Штербик бил прогласен за најдобар голман во Унгарија, а ИХФ го прогласила за најдобар светски ракометар. Потоа, Штербик играл во шпанската АСОБАЛ лига, каде настапувал за тимовите на Сиудад Реал, РК Атлетико Мадрид и РК Барцелона. Притоа, од 2006 до 2010 година, пет пати по ред бил прогласуван за најдобар голман во лигата, а во 2006 година бил прогласен за најкорисен играч (МВП) на лигата. Во јуни 2014 година, Штербик потпишал четиригодишен договор за РК Вардар од Скопје.

Во соработка со порталот "Дерби", дознаваме за неговото искуство во тимот на Вардар, како и детали од неговиот професионален, но и приватен живот. Во продолжение, погледнете го интервјуто на Арпад Штербик: 


Точка: Прво што доаѓа на програмата е СЕХА лига. Брест е организатор, дали има шанса тие да изненадат затоа што се на домашен терен или мислиш дека Вардар, кој годинава игаше неколку пати со Загреб, би можел лесно да дојде до финале, а таму со подобриот од Веспрем и Брест. Кои се твоите очекувања?

Штербик: Па, да, јас мислам дека во целата оваа лига Веспрем е малку посилен од останатите екипи, а организаторот кој игра на домашен терен секогаш има некоја предност, нели? А Брест направи одлична екипа, така што гледам дека сега веќе се враќаат некои претходно повредени играчи, така што за полуфиналето меѓу Брест и Веспрем не би се обложил на Веспрем на пример! Тоа се две квалитетни екипи, а Брест е домаќин, исто како ние со Загреб: можеби сме малку поквалитетни од нив, но ако ни е лош ден, можеме да изгубиме без проблем. Загреб е една млада, фина екипа, со репрезентативци од Хрватска и Словенија, така што навистина тоа се четирите најдобри екипи во „Фајнал 4“, ќе биде тешко до крај.

Точка: Делува како реприза од лани, Веспрем со Бест во првото полуфинале имаше катастрофално прво полувреме, ако добро се сеќавам, дадоа само пет гола? 

Штербик: Да, да. Јас мислам дека Брест таму несреќно изгуби, зашто доста долго време го контролираа резултатот. Веспрем се поискусни, а мислам и физички поподготвени, подолго време се заедно во клубот. Но, тоа не значи дека оваа година јас велам дека некој со голема разлика може да ја победи втората екипа.


Точка: Вардар секоја година има се поголеми барања желби, навивачите на пример не се задоволуваат само со четвртфинале, конечно можеби би требало оваа година да се фати „Фајнал 4“ во Лигата на шампионите. Што е реалноста?  

Штербик: Реалноста е дека ние можеме да победиме кој било во Европа, и ако не сме подобри од некои екипи, мислам дека можеме да се бориме и мислам дека можеме секого да победиме. Сето тоа зависи од моменталната ситуација, спортската среќа и се, затоа што сакале или не, треба да признаеме дека Лига на шампиони е се посилна и посилна. Пред две-три години беа две три екипи кои беа фаворити за освојување на Лигата на шампиони, а сега веќе има одлични екипи, покрај Барса, Кил, Пари Сен Жермен, Веспрем, се појавуваат и нови силни тимови, а ние се обидуваме да одржуваме ритам, секоја година да го подигаме квалитетот на екипата, бидејќи големите тимови исто така се засилуваат. Ние, овде, во Скопје, сме во една ситуација каде што треба повеќе да ги пополниме дупките од Русија, од Балканот. Раул прифати да дојде тука, други не прифатија. Треба паметно да ја формираме екипата, за секоја година да одиме нагоре. Останатите екипи, на пример Монпелје, пред две години, кога игравме последен пат против нив, сега е сосема друга и многу подобра екипа. Тука се појавуваат и Нант...

Точка: Монпелје го победи и Кјелце... 

Штербик: Ќе биде тешко, тоа е незгодна екипа, Монпелје има две одлични постави, веќе оваа година еднаш го победија ПСЖ со 7-8 разлика, сега и Кјелце. Тоа е сериозна екипа, не е за потценување. Кога би биле во друга група, би играле со Нант или со Монтпелје. Ако не поминеме, тоа би бил неуспех, нели? А сепак треба да признаеме дека тие добро ги редат коцките во екипата, имаат потенцијал.


Точка: Го спомна тренерот Раул. Сега имаш големо искуство, си бил и во Веспрем, и во Сиудад Реал, таму веројатно со Талант Душебаев, потоа во Барселона. Сакам да кажам дека имаш искуство со врвни тренери и сега овде си со Раул кој беше помошник на Талант. Како гледаш на него од независна страна, како се поставува тој, кога ќе го споредиш со великаните? 

Штербик: Во Сиудад Реал, Талант и Раул соработуваа многу добро зашто некако беа различни. Талант е темпераментен, на натпревар полудува, а Раул држеше рамнотежа, го смируваше. Раул таму беше втор тренер, а од тактичка страна, мислам дека многу повеќе му даде на клубот отколку Талант. Мислам дека Раул за тактика е меѓу првите двајца тројца тренери на светот, самоуверен е и сигурен. Само мислам дека е и многу добар човек, а треба да биде малку полош во спортот, нели? На таа страна треба да е малку поинаков. Јас мислам дека во нашата екипа нема ниеден незадоволен играч затоа што сепак, кога имаш 17-18 играчи а само 16 излегуваат на терен, мислам дека сите се задоволни затоа што сите имаат минутажа и тренерот со сите исто зборува, никого не остава на страна, така што треба и тоа да го почитуваме, затоа што сепак е тешко да се води група од 17-18 играчи.


Точка: Каков е Раул на полето на мотивација на играчите и подготвување за одреден натпревар, или водењето од клупа? 

Штербик: Па тој како да игра шах! Тој така ја спрема екипата за противниците, навистина работи чекор по чекор и нашите играчи ги имаат сите информации за противникот, нашите играчи повеќе го познаваат противникот отколку самите себе, зашто навистина тактички можеби е најдобар. Навистина беше среден бек како играч, израсна во овој систем и верува во него, го познава, и ние и кога губиме и кога победуваме го играме истиот систем. Точно треба да има ред во нападот, во одбраната, кој, како, што, но ако противничкиот голман одбрани 20 топки, тогаш секоја тактика пропаѓа. Во врска со мотивацијата, тој не е тип на тренер кој ако губиме на полувреме ќе влезе и ќе ја шутира масата за масажа или ќе дели шлаканици. Некогаш кога некој тренер „полудел“ тоа било со право. Но, Раул е таков тип на човек, таков му е карактерот. И на училиште имаш професор кој полека ти објаснува, а некој друг ќе ти удри шлаканица. Не сме сите исти.

Точка: Велиш кога голманот ќе одбрани 20 топки, нема шанса некој да победи. Кога Арпад Штербик е расположен, се чини дека Вардар е во ситуација да не може да загуби. Кои се тие промени што влијаат на тебе на еден натпревар да можеш да фатиш 20 натпревари, а на друг 10?  

Штербик: Ние сме во шест метри и многу зависиме од нашата одбрана, како ни помага и сето тоа. Нормално, секој човек има лош ден, добар ден, зависи од сето тоа, дали во главата е малку отсутен, дали е физички поуморен, или не знам. Спортот е таков што треба секогаш да го даваш максимумот, и ако тој ден максимумот ти се десет одбрани, а си го дал својот максимум, јас одам дома задоволен затоа што сум дал максиум, ако тоа биле десет одбрани, добро, ако биле дваесет, супер! Сепак оваа работа не е како нотарската, да удираш печати и да потпишуваш. Тоа е како нотарот да го туркаат за лактот, а треба да потпишува, затоа што имаш противник кој сака да те спречува во твојата работа, така што не е лесно. Навистина треба добро да се подготвиш, за добро да излезат работите, а секогаш дали ќе биде добро или не зависи и од противникот, и од моите соиграчи, како ми помагаат, од мојата физичка и психичка подготвеност, така што малку е покомплицирано.


Точка: Уште едно прашање додека сме кај Вардар, до кога си во Скопје? Имаш ли краен датум до кога си решил дека ќе останеш до крајот на кариерата или до 2020, или се е отворено, како стои ситуацијата? 

Штербик: Јас имам договор уште следната година, кога дојдов потпишав на четири години, па ќе видиме. И мене овде ме прашуваа многу пати. Додека се чувствувам добро физички, додека гледам дека тоа оди добро на ова ниво, да можам да пружам добра игра и да и помогнам на екипата, и ако клубот сака да ја продолжи соработката....

Точка: Значи остануваш додека не добиеш споменик во Скопје? 

Штербик: Хахаха, не, не. Веќе некои ме погребаа, пред две три недели, дека ќе го оставам ракометот. Навистина, некогаш размислував, додека се чувствувам добро и можам да и` помогнам на екипата, дотогаш ќе останам, нормално и додека сака клубот, затоа што ќе имам веќе 39 години кога ќе ја завршам таа година и Талант секогаш зборува дека тој не гледа во личната карта, туку колку даваат играчите на теренот. Ќе видам, ако има работа и љубов, но сепак еден ден треба да ја завршам кариерата, а јас ќе се обидам тоа да биде што подоцна и да уживам уште и искрено да ти кажам, би сакал моите деца кои сега имаат седум години да го гледаат тато колку што можат повеќе на теренот.


Точка: Го прашав и Алекс Душебаев, ситуацијата е таква, тој е десен бек, и игра во Скопје, а Македонец игра десен бек во Барселона. И обратно, ти од Барселона дојде овде, а Борко Ристевски отиде во Барселона. Навистина е голема коинциденција, па затоа морав да те прашам, како излезе ти да се најдеш во Скопје, а Борко во Барселона?  

Штербик: Види, немам поим за Борко, не знам, а за мене ја знам приказната. Кога се распаѓаше Атлетико Мадрид, јас веќе бев во Барселона. Кога почнаа да ја прават оваа екипа, мојот менаџер кој му е менаџер и на Ивано Балиќ, ми се јави и ме замоли да ја комуницирам Индира Кастратовиќ и да го праша газдата Сергеј, дали би сакал да го земе Балиќ. Индира ми се јави за два дена и ми кажа: „Сергеј рече дека не го сака Балиќ, зашто има потпишано со средни бекови, но ти можеш да дојдеш ако сакаш.“ Јас бев на одмор одговорив дека не би било коректно да не се вратам во Барселона, но им реков дека ќе разговараме за следната сезона. И тогаш помина летото, па во октомври, ноември ми се јавија Индира и Сергеј и така ги почнавме преговорите, мислам дека се договоривме за два три дена. Сергеј ме праша само дали имам желба да дојдам. Јас размислував неколку дена и велам, би сакал, сепак сум отишол од 2001 година од Србија во Унгарија, па 2004 за Шпанија и долго време бев далеку од дома. Нормално на родителите, колку се постари толку им се потешки патувањата, и така и размислував. Вардар играше во Лига на шампиони, тогаш уште Металруг беше добар. Реков, имаме добра лига, да се бориме, имаме и мотивација, ја имаме СЕХА лигата, таа е добра, и Лига на шампиони. И јас реков зошто да не бидам дел од еден проект кој тогаш беше на почеток.

Точка: Ви се поклопија кариерите со Кире Лазаров, тој беше во Веспрем, па Сиудад Реал Атлетико, се начекавте и во Барселона? 

Штербик: Јас му реков на д-р Гутлиб кој сега е лекар на Барселона и на репрезентацијата на Катар. Кога јас од Барселона доаѓав ваму, му реков „Слушај, докторе, јас дојдов во Сиудад Реал од Веспрем, по мене дојде Киро, од Сиудад Реал отидов во Барселона, па дојде Киро, а сега кога ќе одам во Вардар, барајте нов десен бек, веројатно ќе ме следи Киро, хахаха.“ Да, да, јас прилично долго играв со Киро. Две години бевме во Веспрем, па потоа не знам колку време бевме во Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, па потоа бевме заедно во Барселона, така што доста време поминав со Киро.


Точка: Го имаш ли видено да се опушти, да биде весел или секогаш е така професионален? Јас имам впечаток дека тој е многу амбициозен и многу професионален, така да речам, како не умее да се опушти? 

Штербик: Па, види, не сме сите исти. Некој се опушта со жолта и со салата, а некој се опушта со семејството или на екскурзија, можеби да излезе да трча или да прави дома склекови. Јас мислам дека не сум видел поголем професионалец од Киро, дека некој толку вложил во тој спорт, толку труд и се останато. Навистина, сега моментално размислувам, веројатно Киро е можеби најголемиот професионалец кој сум го видел. Нормално е дека се опушта на кафе, го сака сонцето, кафе на тераса кога е убаво времето, многу сме се дружеле и сето тоа, така што за Киро имам само најубави зборови, затоа што еден играч на ова ниво, кој игра во Лигата на шампиони од не знам колку години, кога отишол во Загреб до ден денешен да игра на такво ниво, а потоа и во репрезентацијата на Македонија, која не е меѓу најдобрите во светот, а тој секогаш доаѓа со желба и волја за подобар резултат, буквално ја влече на свој грб и никогаш да не вели дека нешто го боли или дека е повреден и изморен... Баш треба да има човек голема желба.

Точка: Што се однесува до ракометот, како влезе во него? Дали отсекогаш мечтаеше за ракометот, или да речеме можеби заради физичките предиспозиции порано си сакал да бидеш нешто друго или да тренираш? Кој го откри твојот талент како голман? 

Штербик: Татко ми тренираше ракомет таму во Ада, кај мене, во стара Југославија и мислам дека двапати влегоа во Прва лига. А тоа беше една селска екипа, сите наутро работеа, а попладне тренираа, немаа ни странци ни ништо, само домашни играчи. Татко ми во стара Југославија играше за Б селекцијата, што е голема работа. Нормално, јас пораснав во сала и почнав да играм ракомет, тренирав со моја генерација, но понекогаш останував и со постарите. Бев физички многу поголем и посилен од мојата генерација, а од постарите нормално бев послаб. И така кога фалеше голман еднаш, двапати, кај постарите, мене ме ставија на гол и така и останав на голот. Татко ми по месец дека кога праша како ми оди ракометот, му реков, супер, зашто добро бранам. А татко ми беше лев бек и сакаше и јас да бидам лев бек. И ми рече, „Како тоа како браниш, ти ќе имаш два метра, ти треба да бидеш лев бек. Тој што не знае да игра, него го ставаат на голот или на линија за пивот“. Но, добро ми одеше и така останав на голот.


Точка: Како да те запознае подобро нашата публика? Ако некој отвори на Википедија да прочита, ќе види дека си роден во Србија, во поранешна Југославија, по националност си Унгарец, па потоа зема и шпанско државјанство зашто Шпанците те бараа да играш кај нив. Како се доживуваш самиот, која слава ја славиш? 

Штербик: Јас сум католик и немаме слава, хахаха. Имаме само именден и тоа, но тоа не се слави како славата. Има и нешто позитивно таму горе, во Војводина, зашто се слави и католичкиот и православниот Божик и се живо, така што ги сакаме сите празници, само да се слави нешто, хахаха. Во родното место пред војната, на пример, живееја 90 насто Унгарци. Јас до мојата 15-та година не ни зборував српски затоа што бидејќи дома зборуваа унгарски, во моето село исто така, па не ми требаше српски јазик. Имавме два часа неделно на училиште и тоа е тоа. Никогаш не го ни користев. Дури кога отидов да играм покрај Нови Сад тогаш научив! Имаше многу мои пријатели кои одеа на 20 години во војска и ги префрлија во Ниш или не знам каде, а не знаеја да „бекнат“ на српски. Кога ќе кажам некому дека на 15 години научив српски ме гледаат чудно, како е тоа можно, цел живот живееш таму. Нормално, повеќето Унгарци во Војводина имаат и пасоши и директно добиваат државјанство затоа што била скратена Унгарија од тоа што била и тие останале. А за шпанската авантура, дојде до некои недоразбирања во југословенската репрезентацијата и изгубив желба да играм. Јас не ја оставив Србија затоа што сакав да ја сменам репрезентацијата, туку затоа што воопшто не сакав да играм за репрезентацијата. И така помина многу време и во Сиудад Реал имавме скоро 50 насто играчи од шпанската репрезентација. И тогаш газдата ме праша, а и Талант, зошто ако веќе не сакаш да браниш за Србија, зошто не и помогнеш на Шпанија. Еве сите соиграчи ти се таму, како да играш во клубот. Потоа малку размислив, и си реков, можеби имам шанси за некој медал, тоа најмногу ме влечеше, златен медал или медал од Олимписките игри и заради тоа почнав да бранам за Шпанија.

Точка: Мислам дека имаш и бронзена со Југославија и потоа злато со Шпанија? 

Штербик: Да, да. Имам две бронзени со Србија, и една бронзена од Светското првенство со Шпанија, од Европското првенство имам сребрена, и имам златна од Светското првенство со Шпанија.


Точка: Ти следува почесна пензија. Само не се знае во која земја? 

Штербик: Ќе видиме, ќе видиме.

Точка: На кој јазик слушаш музика, на кој јазик сонуваш? 

Штербик: Слушам се, сите наши од Балканот. Слабо слушам странска музика, повеќе моменталните хитови од балканската музика. Тешко е. Кога си многу време надвор, во која било земја, ако си таму година дена или осум девет месеци тогаш веќе ти влегува тој јазик и ќе дојдеш дома на неколку дена и на почеток излегуваат нивни зборови. На пример, од Шпанија кога ќе се вратев, тешко ми беше да кажувам други зборови освен шпанските. Сега е поинаку, сега кога треба да зборувам шпански, ми излегува српски. Добро е, јас мислам дека е убаво да се биде во некоја друга земја, да се научи некоја култура, некој јазик. Јас исто така многу го ценам Раул, зашто се обидува да научи македонски затоа што денеска еден Шпанец во Македонија ми вели: „Што ќе ми е македонски јазик, да беше барем некој германски или француски светски јазик.“ А јас се трудев, е сега понекогаш Раул зборува со мене на шпански, но некогаш му излегуваат зборови на македонски.

Точка: Како се разбирате подобро, на македонски или на шпански? 

Штербик: Зависи, на шпански зборуваме, но штом ќе седне со нас некој од играчите од овие простори, тој веднаш префрла на македонски и бара и сака да зборува на македонски.


Точка: Кога сум разговарал со некои играчи за некои „луди“ резултати, обично ми велеле „не гибај не нас, без голман не може да се намести натпревар“. Не барам од тебе да ми откриеш некоја сензација сега, но дали тебе некој некогаш нешто ти понудил, ти пристапил да разговара за такво нешто? Како ти гледаш на тоа, го има ли тоа во спортот или тоа е само мит? 

Штербик: Јас не знам како се игра некој натпревар за да го изгубиш. Јас ниеден натпревар во животот не сум одиграл така за да се намести резултатот. Имало ситуации, на пример, како сега во СЕХА лигата, ова нам не ни треба, а нив им треба, или што ти знам, но јас во животот не сум сакал такво нешто! Во Србија кога играв како мал, мислам дека таму се договараа некои резултати. Но, ако некој знаел за тоа, тоа биле само судиите и двата клуба. Ние играчите не знаевме ништо за тоа. Еднаш имав една ситуација, реков, ако е така, јас не сакам да играм, затоа што за мене тоа не е фер. На пример, последниот натпревар што го игравме со Кристијанштад во Лигата на шампионите, нам не ни требаше, но има на кој му треба во групата. Јас повеќе се подготвував за овој натпревар отколку за кој било друг, затоа што сепак е фер да победуваме, затоа што некои екипи зависат од овој резултат, нели? Да не биде после „Вие нив сте им пуштиле“! Секако едвај ги победивме, а ако одигравме нерешено тие ќе одеа понатаму, нели? Не сакав ни да почне да се зборува за тоа.

Точка: Како се одвиваше твојот приватен живот заради многуте патувања, многу промени?  

Штербик: Па, добро, тие уживаат овде во Скопје, кога можам јас ги возам во училиште. Тие се до 15-16 часот таму, веќе почнаа кај Будимир да тренираат ракомет. Слабо се гледаме. Единствено добар е овој термин кога тренираме од 17 до 18.30, па околу 19 сум дома, и од 19 до 21 секогаш сме заедно и се обидуваме да правиме нешто заедно, или да учиме или да си играме, што било да правиме заедно, зашто имаме друг ритам. Јас најмногу кога сум слободен наутро, тие се на училиште и тогаш нормално го чекаме викендот за да бидеме заедно затоа што мислам дека 6-7 години се најубавите години, уште не се големи, уште се слатки, па сакам што повеќе да бидеме заедно. Многу ја сакаат салата, што многу ми се допаѓа, едвај ги чекаат нашите натпревари, веќе ме зафркава синот, на полувреме ми покажува одгоре, „Немој да ги креваш нозете, ти шутираат доле“ или некои такви зафркнации. Нему Билецки му е атракција, тој му е омилен играч, „Му фали едно око, тато, како игра“? Па Чупиќ го бара, зашто живееме во иста зграда. Кога ќе го види како излегува од колата и ќе рече „Одам долу да го видам, како тоа е без прст“? Јас моите соиграчи не ги знам по број, а гледам дека мојот син живее за ракометот и тоа ми е многу мило. Пред некој ден зборувавме дека синот на Дејвис кој има девет години не се сеќава за тоа кога татко му бил на терен, тој играше до пред две-три години! Јас би сакал син ми да ме гледа и да ужива.

Точка: Не ми кажа како се запозна со сопругата, покрај толку многу патувања? Дали некогаш си се степал за девојка или нешто слично? 

Штербик: Не, јас сум мирен човек, не сум имал такви ситуации. Или можеби другите се плашеле од мене дека сум голем? Хахаха, јас сум со мојата жена откога бев во Веспрем, се запознавме 2001-2002 и потоа заедно отидовме во Шпанија и ...


Точка: Не сум слушнал толку песни за Србинки, колку за Унгарки, се присетувам сега на некои од Здравко Чолиќ и „Гарави сокак“... Навистина се најдобри девојки или?  

Штербик: Па, добро, не знам. Велат дека сите жени се исти, а Унгарките дали се поинакви... Засега сум задоволен. Штом сме заедно од 2002 година...

Точка: Како се гледаш себеси во иднина во ракометот? Дали се гледаш како тренер, како менаџер на твојот син, да речеме, како што спомна, или нешто во тој фазон. Како планираш да продолжиш со животот? 

Штербик: Искрено да ти кажам, имам некои добри пријатели кои кога останаа во ракометот, рекоа дека можат се, само не сакаат да бидат тренери. И секој од нив сега е тренер! Јас би сакал и понатаму да работам во ракометот со децата, со голманите, зашто јас мислам дека можам да им пренесам многу работи, дека можат да научат многу работи од мене. Целиот живот на спортистите е да ги пакуваш куферите, одиш, патуваш, па менуваш клубови, менуваш држави. После ракометот, би сакал малку да живеам мирно. На пример, ти треба да одиш во Франција и ме водиш како тренер на голманите и сега јас одам, а по три месеци тебе ќе те избркаат и мене ќе ме избркаат. Јас веќе таков циркус, како во луна парк, да одам месец дена ваму, три месеци или година таму, не би го сакал тоа. Ако можам да работам со голманите во една екипа, да ми се допаѓа и на пример, во Македонија или во Унгарија, каде што се чувствувам како дома, да не се чувствувам како странец и да не сум илјадници километри од дома. Тоа би сакал можеби да го работам. А веќе тренерската работа, таа е малку напорна и нервозна. Јас секако работам, помагам, таму, во Ада, имаме добри деца, кои најмногу ги префрламе да играат во Унгарија. И со некои деца и сега се организираме, имам неколку пријатели, голман, син на голман, или ќерка, кога ќе дојдам дома на лето, неколку дена ќе се договориме, кога се тие слободни, кога јас, па одам пет дена по ред да работам со децата. Одам и во кампот на Ласло од Веспрем, малку со децата да бидам. Тоа е добро и за мене, затоа што малку работиме со децата, а и на децата им е интересно, сепак можеби тие имаат некои тренери со кои работат секој ден, а јас ако можам барем да донесам некои новитети, некои работи.


Точка: Има ли некое убаво место кое си го посетил овде во Македонија, кое многу ти се допаднало или некое јадење, нешто што би сакал да го пофалиш?  

Штербик: Да ти кажам искрено, мене животот во Македонија, во Скопје, ми е многу убав и некогаш кога ќе кажам дека овде животот ми е поубав отколку во Барселона, луѓето ми се смеат. Велат, Барселона и Скопје?! Мене Скопје ми е идеален град, каде што стигнувам секаде за 15-20 минути, не живеам ни близу до салата, живеам на Водно. А за 15-20 минути максимум и ако има гужва сум овде. Мислам дека за семеен живот во Скопје, со деца, ги има сите услови. Има паркови за екскурзии, Матка, Охрид, Маврово, ако сакаш да скијаш, ако сакаш да се бањаш. Мислам дека градот е супер за еден мирен семеен живот, добро и ако си сам, без жена, или ако немаш девојка, има каде да излезеш, но јас веќе малку поинаку живеам, со двете деца многу ми се смени животот и кога доаѓав исто така многу зборував со Сергеј дека сакам добро училиште, да живеам нормално, ми кажа дека ќе имам се, услови, и јас реков супер. Затоа што џабе ми е убава сала и сите услови за мене, ако семејството не е задоволно, нели, така што јас повеќе гледам за семејството. Ние најмногу ги правиме оние семејни програми за викенд, кога е убаво времето, одиме по некои ресторани и етно села каде што децата можат да си играат, да бидат со животни. Раул, Дејвис и јас веќе имаме шест деца, па и пријателите од хрватската амбасада, од Словенија. Па ќе се собереме и има доста, понекогаш по 15-20 деца кои ќе си играат заедно, и ние ќе се собереме и така ги поминуваме деновите. Некогаш одиме до Грција, кога ќе имаме 2-3 дена слободни или повеќе. Затоа, за мене и за моето семејство овде е прекрасно и навистина уживаме овде.


Точка: Јас ги кажав сите прашања што ги имав, можеби те изморив, не знам, но ова оди на два сајта па да има малку повеќе материјал за сите, и ти благодарам во мое лично име и во име на читателите на Дерби и Точка. Можеби имаш некоја андегдота како за на крај? 

Штербик: Не, па ние се смеевме цело време овде. Фала ви вам, се гледаме.

Точка: Дај Боже, со титула во Брест или со титула во Келн? 

Штербик: Јас би сакал и едното и другото, па ќе видиме што ќе биде!


Интервјуто го водеше: Александар Табаковски



Спонозорирани линкови

Маркетинг