Кристијан Казинс, кој се прослави како детски актер во филмот „Полицаец од градинката“ (Kindergarten Cop) со Арнолд Шварценегер, почина на 43-годишна возраст.
Тој починал минатиот месец, а тажната вест на 22 октомври ја потврдил неговиот брат Јонас Резер, кој се простил од него со емотивна објава на социјалните мрежи.

Казинс на пошироката јавност ѝ остана познат по улогата на Доминик Палмиери во акциската комедија од 1990 година, во која глумел заедно со својот брат близнак Џозеф. Двајцата браќа ја делеле улогата на момчето Доминик, а во филмот глумеле покрај Арнолд Шварценегер, кој го толкувал ликот на полицискиот детектив Џон Кимбл.
Братот се простил од него со емотивна објава
Веста за смртта на Кристијан на Инстаграм ја објави неговиот брат Јонас, кој открил дека актерот се соочувал со сериозни здравствени проблеми.
„Беше вистински фраер, полн со страст и енергија, со големи приказни и уште поголеми соништа. Кристијан беше многу болен, се бореше со заболување на црниот дроб“, напишал Резер.
Во објавата тој го објаснил и нивниот семеен однос. Кристијан и неговиот брат близнак Џозеф биле негови полубраќа по татко, но ги запознал дури за време на студиите, бидејќи пораснале во различни сојузни држави во САД.
Тој се присетил и како, пред лично да се запознаат, ги гледал на телевизија.
„Пред да се запознаеме, ги гледав во серијата „Knots Landing“ и, секако, во улогата на Доминик во „Полицаец од градинката“ со Шварценегер. Но, тие улоги се само мал дел од она по што ќе го паметам Кристијан“, истакнал тој и заклучил:
„Се надевам дека твојата душа почива во мир и дека си го пронашол спокојот. Ти си мој брат и ќе ми недостигаш“.
Покрај во „Полицаец од градинката“, Казинс глумел и во филмовите „Critters 3“ од 1991 година, „Intruders“ од 1992 година и „Twin Sitters“ од 1994 година.

Повторно обединување по 30 години
Актерската екипа на филмот „Полицаец од градинката“ повторно се собрала во декември 2020 година, кога по повод 30-годишнината од филмот била организирана виртуелна средба. Настанот го организирал „Yahoo Entertainment“, а посебно изненадување за поранешните детски актери било појавувањето на Арнолд Шварценегер, кој им се придружил во текот на разговорот.
„Најзабавно ми е што повторно ве гледам сите“, изјавил тогаш Шварценегер, изразувајќи го своето воодушевување од повторното обединување на актерската екипа.
Во популарната комедија, Шварценегер го толкувал ликот на детективот Џон Кимбл, кој за време на тајна задача се вработува како воспитувач во градинка во американскиот град Асторија. Кристијан и Џозеф Казинс го толкувале ликот на Доминик, едно од момчињата за кои се грижел Кимбл.
За време на разговорот, актерите се присетиле на бројни случки од снимањето и откриле со што се занимаваат три децении по премиерата на филмот.
Открил со што се занимавал по завршувањето на актерската кариера
Кристијан за време на виртуелната средба раскажал дека по повлекувањето од актерството се посветил на деловната кариера. Работел како директор во компанија за продажба на мебел, а бил и косопственик на компанија за производи на база на канабидиол.
Тој се присетил и на една од сцените од филмот „Полицаец од градинката“, при што директно му се обратил на Шварценегер.

„Патем, по 30 години сакам уште еднаш да ти се заблагодарам што ми го спаси животот од Ричард Тајсон во соблекувалната“, рекол Кристијан, потсетувајќи се на случка од филмот.
Потоа се пошегувал на сметка на љубовната приказна меѓу ликот на Шварценегер и мајката на Доминик.
„И мило ми е што во тој филм на крајот заврши со мајка ми. Тоа беше навистина кул“, додал тој низ смеа.
Неговиот коментар се однесувал на романсата меѓу детективот Џон Кимбл и учителката Џојс Палмиери, која во филмот ја толкувала Пенелопе Ен Милер.

Кристијан за време на истиот разговор потсетил и на една интересна случка од снимањето. Имено, улогата на Доминик ја делел со својот брат близнак Џозеф, па на шега се опишал себеси како „едната половина од тимот што го создала ликот на Доминик“.
Исто така признал и дека како деца не биле свесни колку филмот ќе стане познат, ниту колку нивната улога ќе остане препознатлива меѓу гледачите.












