Актерот Реј Николсон, син на холивудската легенда Џек Николсон, изјави дека студирањето филмска уметност му помогнало да сфати дека неговиот татко и покрај огромната слава и успех, не е единствената значајна личност во филмската индустрија.
„Моето образование ме научи дека тато не е Бог. Тој не е единствениот во филмската индустрија. Тој е прекрасен дел од неа, но само еден мал дел“, изјави 34-годишниот актер во интервју за списанието „Interview“.
Реј откри дека првично планирал да се занимава со американски фудбал и дека сакал да студира на колеџот Бостон, каде што би играл за универзитетскиот тим.

„Всушност, мислев дека ќе студирам на Бостонскиот колеџ и ќе играм американски фудбал. Мислев дека ќе бидам Џери Мегваер“, раскажал тој.
Меѓутоа, по повредата на лактот и сериозната инфекција што ја добил додека играл американски фудбал во средно училиште, почнал да ги преиспитува своите планови и одлучил да се посвети на актерството.

Како што изјави, долго време се плашел да му ја соопшти својата одлука на татко му, но се запишал на Универзитетот во Јужна Калифорнија, каде што ги засакал различните аспекти на филмското творештво.
Тој истакна дека му е важно неговиот татко да биде горд на него, но дека истовремено ја гледа актерската кариера како начин да изгради сопствен идентитет.

Реј глумел во филмовите „Licorice Pizza“ и „Smile 2“, а неговата физичка сличност со татко му особено ја истакнал режисерот Паркер Фин, кој го ангажирал за улога во хорор-филмот „Smile 2“.
Неговиот најнов филм „The Mosquito Bowl“ се прикажува во кината, а на платформата „Нетфликс“ ќе биде достапен од 25 ноември.

Џек Николсон е еден од најпознатите холивудски актери, трикратен добитник на „Оскар“, познат по филмовите „Кинески кварт“, „Сјаење“ и „Лет над кукавичкото гнездо“.











