Емоции што долго ќе се паметат, звуци што не се забораваат и публика што бараше уште! Загрепската Творница културе го пречека Давид Темелков во издание што тешко може да се смести во само еден музички жанр. А кога цела сала во Загреб запеа „Мојата Македонија“, вечерта доби посебно значење.
Во средата, публиката дојде во Творница културе на концерт на Давид Темелков. Но она што го доби беше многу повеќе од очекуваниот репертоар и познатите песни.


Од препознатливите балади и авторските композиции, преку поп-рок звукот, па сè до „Hallelujah“ на Леонард Коен, во која ја покажа и оперската димензија на својот тенорски глас, Темелков во текот на вечерта изненадуваше со вокалната широчина и леснотијата со која преминува од еден музички стил во друг.


А кога низ Творница културе одекнаа звуците на „Јовано, Јованке“ и „Елено ќерко“, македонската музика доби посебно место на загрепската сцена. Сепак, еден од највпечатливите моменти се случи кога публиката во Загреб во еден глас ја запеа „Мојата Македонија“. Македонската песна таа вечер не се слушаше само од сцената, туку и од целата сала.

Среде концертот се случи и нешто што никој не го очекуваше – сосема непланирано запросување! Еден пар ја избра токму сцената на Давид за да го започне своето ново животно поглавје, внесувајќи дополнителна доза спонтаност во вечерта.

Емоциите беа присутни и во личните приказни што стојат зад песните на Давид. Во публиката беа и неговите родители, а во еден момент чувствата го совладаа и самиот него. Песната „Дом“, како и авторските композиции од албумот „Слушај кога живот диктира“, открија колку семејството, припадноста и личните искуства се длабоко вградени во неговата музика.

На сцената му се придружи и хрватскиот пејач Дино Петриќ, со кого го поврзува долгогодишно пријателство, кое овојпат доби и своја концертна димензија.

Публиката ги наградуваше изведбите со овации, а на крајот со гласно скандирање побара бис. Очигледно, никој не беше подготвен вечерта толку брзо да заврши.
Но можеби најинтересниот дел од приказната за Давид Темелков не е само она што се слушна на сцената, туку и сè она што стои зад неа.

Концептот на концертот, репертоарот и сценското обликување го носат неговиот авторски потпис. Давид не ѝ пристапува на музиката само како изведувач, туку како уметник кој сака да го обликува целокупното доживување. Таа креативност сè повеќе ја пренесува и во други уметнички форми, па така за актуелниот видеоспот „Дом“ ги потпишува сценариото и режијата.

По загрепскиот концерт, Темелков продолжува со промоцијата на песната и видеоспотот „Дом“, подготвува нови настапи во Хрватска и регионот, а истовремено работи и на завршувањето на својот трет студиски албум.

Творница културе покажа дека Давид Темелков има многу повеќе да понуди од извонреден глас. А судејќи според сè што подготвува, ќе биде навистина интересно да видиме што ни носи следно. За оние што беа таму, тоа беше вечер исполнета со музика, емоции и неочекувани моменти. А за оние што ја пропуштија, следниот концерт би можел да биде одлична можност да откријат зошто.










