Џејн Фонда изоставена од тестаментот на поранешниот сопруг: Неговото богатство изнесува околу 2,5 милијарди долари

Точка

13/11/2026

08:31

857

Големина на фонт

а а а

Џејн Фонда не е наведена во тестаментот на нејзиниот поранешен сопруг Тед Тарнер, основачот на CNN, кој почина во мај, па нема да наследи ништо од неговото богатство проценето на 2,5 милијарди долари.

Тарнер се женел трипати, а со Фонда поминал десет години во брак. Иако се развеле во 2001 година, останале во пријателски односи. Како што пишува „TMZ“, децата на Тарнер, Лора, Роберт, Рет, Рид и Сара, побарале да бидат именувани за извршители на тестаментот, а во документите се наведени како единствени наследници.

Тарнер го составил првиот тестамент во 2003 година, кога имал 64 години, а во наредните години го менувал повеќе од десет пати. Тој почина во мај, на 88-годишна возраст. По неговата смрт, Фонда, која го нарекуваше својот „најдраг поранешен сопруг“, се прости од него со емотивна изјава. Таа се присети на нивната бурна десетгодишна врска и ги истакна неговиот брилијантен ум, смислата за хумор и ранливоста.


„Влезе во мојот живот како неверојатно згоден, исклучително романтичен и бестрашен пират. По него никогаш повеќе не бев истата. Му бев потребна. Никој пред него не ми покажа дека сум му потребна, а тоа не беше кој било, туку основачот на CNN и каналот Turner Classic Movies, човекот кој како врвен едриличар го освои Купот на Америка. Живееше со полни гради, имаше брилијантен ум и неверојатна смисла за хумор“, порача таа.

Таа додаде и дека тој многу се грижел за неа.

„Тоа за мене беше нешто ново. Ве менува кога ќе почувствувате дека некому сте му потребни, а таа личност истовремено се грижи за вас. Тед Тарнер ми помогна да поверувам во себе и да стекнам самодоверба. Мислам дека и јас му го пружив истото, но жените се воспитуваат да бидат такви. Од мажите како Тед не се очекува да покажат колку некој им е потребен, ниту да ја откријат својата ранлива страна. Верувам дека токму во тоа беше неговата најголема сила“, рече таа.


Фонда призна и дека Тарнер бил „најкомпетитивната личност што некогаш ја запознала“ и дека животот со него не бил секогаш едноставен.

„Отсекогаш ги сакав предизвиците, а со Тед трудот речиси секогаш вредеше. Го сакав со целото срце. Го замислувам на небото, опкружен со сите оние диви животни што ги спаси од исчезнување“, додаде таа.

Тарнер, поради својата директност и остриот јазик, го добил прекарот „Mouth of the South“ (Устата на Југот). Во текот на кариерата изградил голема медиумска империја која опфаќала бројни кабелски и сателитски телевизиски канали, а со децении бил и сопственик на бејзбол-клубот Атланта Брејвс.


Во 1980 година го основал CNN, првиот телевизиски канал посветен на вести кој емитувал програма 24 часа дневно. Неговиот успех го поттикнал развојот на други информативни мрежи, меѓу кои е и „Fox News“. Списанието „Time“ го прогласило за личност на годината во 1991 година, истакнувајќи го влијанието на CNN врз начинот на кој светот ги следи вестите и големите настани во реално време.

Медиумската империја на Тарнер со текот на времето ги надминала рамките на CNN. Меѓу неговите најпознати телевизиски проекти биле TBS, TNT, Turner Classic Movies и Cartoon Network.