Познатиот актер Хју Грант бил првиот избор на креаторите на хит-серијата „Два и пол мажи“ откако Чарли Шин го напуштил проектот во 2011 година.
На славниот Британец му бил понуден договор од соништата – хонорар од дури 750.000 долари по епизода и работна недела од само четири дена. Иако првично ги прифатил условите, Грант се премислил во последен момент и ги довел продуцентите во тешка ситуација. Оваа долго чувана тајна зад сцената ја открил креаторот на серијата, Чак Лори, во своите мемоари „Sitcom“, детално опишувајќи како течеле преговорите и на кој начин улогата на крајот му припаднала на Ештон Качер.

Огромна понуда и неочекуван пресврт
По отпуштањето на Чарли Шин, чии скандали и борбата со зависноста го загрозиле продолжувањето на проектот, тимот барал ѕвезда што би можела да ја преземе главната улога и да ја задржи високата гледаност. Изборот паднал на Хју Грант, чиј специфичен шарм и препознатлив британски хумор изгледале како совршена формула за освежување на серијата.

„Одржавме неколку состаноци со Хју Грант. Мојот соработник Ли Аронсон и јас напишавме неколку сцени за да му покажеме каков лик сме замислиле. Тоа беше лик како создаден за Хју Грант“, раскажал Лори за „E! News“.
Телевизиските куќи „CBS“ и „Warner Bros.“ понудиле вртоглава сума за да ја обезбедат неговата согласност, вклучувајќи 750.000 долари по епизода за само четири работни дена неделно. Иако Грант првично дал зелено светло, се повлекол непосредно пред формалното потпишување на договорот.
„Кога дојде време да го потпише договорот и да почне со работа, се повлече. Едноставно се откажа“, открил Лори.

Ситуацијата дополнително се искомплицирала кога актерот ја прекинал директната комуникација со продукцијата, испраќајќи кратка порака преку свој соработник.
„Потоа повеќе не се јавуваше. Само нè контактираше неговиот агент или менаџер и нѝ порача: ‘Господин Грант не сака да го прави тоа’“, се присетил авторот.
Доаѓањето на Ештон Качер
Ненадејното откажување на Британецот ја довело целата серија во опасност. Чак Лори немал резервен план и се плашел дека ненадејното заминување на главната ѕвезда може да го означи крајот на популарниот ситком. Тогашниот прв човек на „CBS“, Лес Мунвес, го предложил Ештон Качер како нова сила што би можела да го подигне проектот. Лори на почетокот не бил убеден во предлогот, сметајќи дека Качер е премлад во споредба со Џон Крајер, кој веќе со години бил еден од главните носители на дејството.

„Му реков дека Качер е премлад за таа улога покрај Џон Крајер“, се присетил Лори. Сепак, Мунвес останал на својот став: „Мунвес само ми одговори: ‘Сретни се со него’. А јас не сакав да му се спротивставувам“.
Првата средба со Качер променила сè. По разговорот, Лори сфатил дека актерот ја поседува вистинската енергија за продолжување на серијата, иако на прв поглед не се вклопувал во неговата првична замисла.
Ново поглавје
Ештон Качер ја презеде улогата во 2011 година како Волден Шмит, млад милијардер кој ја купува поранешната вила на Чарли на плажата во Малибу. Неговото појавување ја освежи приказната, а актерот остана во серијата сè до нејзиното официјално завршување во 2015 година.

Иако многумина се сомневале во опстанокот на серијата без Чарли Шин, Качер оставил сопствен белег и помогнал успешно да се снимаат уште четири сезони. Лори подоцна зборувал со избрани зборови за соработката со младиот актер, особено имајќи ги предвид претходните турбуленции.
„Беше остроумен, забавен и едноставно прекрасен човек“, рекол Лори. За разлика од претходниот период исполнет со тензии, работата со Качер се одвивала во целосен мир.
„На крајот работевме со Ештон четири години и нѝ беше прекрасно. Немаше никакви драми ниту кризи. Секоја недела снимавме хумористична серија. Тоа беше вистински благослов“, заклучил Лори.















