Американскиот супермодел Синди Крафорд во неделата на Инстаграм објави црно-бела фотографија од својот син Пресли Гербер и се прости од него во име на семејството.
Ова е првпат Синди Крафорд да се огласи по смртта на својот син Пресли, кој почина на 20 септември.
„Скршени сме од болка по загубата на нашиот сакан син и брат. Се чувствуваме благословени што го имавме Пресли во нашите животи 27 години. Тој е добра и прекрасна душа која сакаше и беше сакана, сега и засекогаш“, напиша таа на почетокот.
Таа истакна и дека семејството е гордо на него и дека е благодарно за љубовта и поддршката од луѓето кои ја чувствуваат нивната болка.
„Горди сме на начинот на кој живееше, со добрина и ранливост. Благодарни сме за љубовта и поддршката од многумина кои го познаваат и го сакаат нашето семејство, па дури и од непознати луѓе кои ја чувствуваат нашата болка“, продолжи таа.
Пораката ја потпиша заедно со таткото на Пресли, Ренди Гербер, и неговата сестра Каја.

„До повторната средба, наше драго момче. Те сакаме засекогаш, мама, тато и Каја“, заврши таа во објавата.
Според соопштението на Канцеларијата на судскиот лекар на округот Лос Анџелес, смртта била констатирана од итната медицинска помош во 9:45 часот на 20 септември. Истрагата ја води полицијата на Санта Моника.
Пресли починал во установа за рехабилитација во Лос Анџелес. Медиумите објавија дека полицијата го истражува случајот под сомнение за предозирање. Официјалната причина за смртта сè уште не е објавена.

„Семејството бара приватност во овој исклучително тежок и болен период“, изјави портпаролот на денот на смртта.
Пресли Гербер беше модел. На 15-годишна возраст потпиша договор со агенцијата „IMG Models“, а настапуваше на ревиите на „Moschino“ и „Dolce & Gabbana“, како и во рекламните кампањи за „Calvin Klein“ и „Celine“. Отворено зборуваше за борбата со проблемите со менталното здравје и зависноста, особено откако во 2019 година беше обвинет за возење под дејство на алкохол.








