Холивудскиот актер Даниел Крег (58), кого публиката го засака во улогата на Џејмс Бонд, се впуштил во сосема нов деловен потфат. Имено познатиот актер станал косопственик на 250 години стар паб во Лондон, но набргу дознал дека со локалот доаѓа и еден прилично необичен станар – дух за кој се тврди дека со децении го опседнува неговиот подрум.
Станува збор за пабот „The Horseshoe“, кој се наоѓа во лондонскиот кварт Клеркенвел. Крег го купил заедно со неколку пријатели и деловни партнери. Меѓу нив се и сопственикот на „Soho House“, Ник Џонс, основачот на синџирот ресторани „Flat Iron“, Чарли Керол, како и Џастин О’Шеа, креативниот директор на брендот за пиво на Крег, „Bad Belze“.
Иако новите сопственици биле запознаени со богатата историја на локалот, еден детаљ сепак не им бил соопштен за време на купопродажбата. Имено, во подрумот на пабот, наводно, се појавува духот на некогашен џелат, кого вработените и поранешната сопственичка со години го поврзувале со необични појави.

Досегашната сопственичка, Полин Такер, која заминува во пензија, признала дека пред купувањето не им ги споменала на Крег и неговите партнери приказните за духот. Сепак, подоцна ги запознала со легендата за необичниот станар за кој се тврди дека сè уште престојува во подрумот.
„Не го гледате. Го чувствувате“, изјавила Такер.
Сепак, се чини дека приказната за опседнатиот паб воопшто не го исплашила познатиот актер. Напротив, тој одлучил и да се пошегува на сметка на поранешниот станар.

„Не знам што пие, но можеби ќе треба да му оставиме една кригла пиво долу и да му речеме: ’Повели, Гилберт‘“, изјавил Крег за „Тајмс“.
Интересно е што угостителството не му е целосно непознато на актерот. Неговите родители, но и дедо му и баба му, некогаш воделе пабови во англиската грофовија Чешир, па голем дел од детството го поминал токму во такво опкружување.
„Пораснав во пабови. Знаете какви се подемите и падовите во таа работа. Добро ги познавам и нејзините добри и лоши страни“, раскажал актерот.
Се присетил и на бројните дружења и разговори со гостите кои го одбележале неговото растење.
„Како дете, одев да разговарам со локалните гости, особено за време на ручекот. Секогаш се разговараше за тоа како поминал денот и што се случува. Пабот е место каде што луѓето доаѓаат да разговараат за најразлични работи, можеби и за своите проблеми“, објаснил Крег.

Тој веќе има планови за обновување на историскиот локал, но истакнал дека нема намера целосно да го промени неговиот карактер ниту, пак, да го претвори во модерен гастропаб.
Иако сега се испробува и во угостителските води, актерот не се откажува од филмската кариера. Откако во 2021 година се простил од улогата на Џејмс Бонд, кој го толкувал во пет филмови, се посветил на нови проекти.
Меѓу нив е и претстојната адаптација на „Хрониките на Нарнија“ во режија на Грета Гервиг, во која тој би требало да го глуми волшебникот, чичко Ендру Кетерли.
Во меѓувреме, прашањето кој ќе го наследи во улогата на агентот 007 и понатаму е една од најголемите непознаници во Холивуд. Иако поминаа пет години од последното појавување на Крег во улогата на Џејмс Бонд, новиот актер сè уште не е официјално потврден.

Меѓу потенцијалните кандидати се споменуваат Калум Тарнер, Џек Лоуден, Харис Дикинсон, Џек Бартон и Арон Тејлор-Џонсон, а името на новиот Бонд наводно би можело да биде откриено уште оваа есен.
Додека обожавателите со нетрпение ги очекуваат вестите за иднината на славната филмска франшиза, Крег очигледно добро се забавува во својата нова улога. А ако се вистинити приказните за духот, поранешниот Џејмс Бонд во својот лондонски паб ќе има друштво какво што сигурно не очекувал.
















