Жозе Мурињо по натпреварот со Рома посочи дека добро ги познава тимовите на Џан Пјеро Гасперини и заклучи дека невозможно е да се издржи интензитетот кој го бара во текот на 90 минути, па токму поради тоа играчите од домашниот тим изгледале „мртви“ во завршницата од мечот.
Португалецот заклучи дека Реал бил незадржлив во последните 20 минути и дека фудбалерите на Рома во ниту едно сценарио не можеле да го задржат налетот во кој прими три гола за седум минути, а ваквото негово резиме очигледно го налути Гасперини, кој пак истакна дека неговиот тим го декласирал далеку поскапиот тим на Реал во најголем дел од мечот.
– Во првото полувреме имаа корнери, но одлично се справувавме со тоа. Во последните минути како да останавме парализирани при тие корнери, едноставно премногу лесно им дозволивме да дадат голови. Чувствувам огромно жалење, не смееше ваква партија да заврши со ваков епилог.
– Мораме да се потпреме на позитивните работи, иако овој пораз тешко паѓа со оглед на околностите во кои пристигна. Мораме брзо да го оставиме овој меч зад себе, инаку ризикуваме да го поништиме сето она добро што го видовме на овој натпревар и во досегашниот дел од сезоната. Без оглед на квалитетите на Реал Мадрид при прекините, ние бевме премногу пасивни, и тоа е навистина голема штета, – изјави Гасперини, на кого му беа нагласени зборовите на Мурињо околу „мртвите играчи“ на Рома во завршницата од мечот.
– Ако имаше екипа која изгледаше како да останала без сила, тоа беше Реал Мадрид. Ги надигравме и декласиравме во секој поглед. Тие постигнаа голови само од корнери, а ние дефинитивно бевме на висина на задачата. Жалам за тие корнери, но тоа е фудбалот. Вистина е дека мораме да научиме како да ги приведуваме натпреварите до крај, особено против вакви екипи. Тие последни минути беа одлучувачки, мораме да продолжиме да го развиваме нашиот стил на игра и да работиме на отстранување на недостатоците, – изјави тренерот на Рома.












