Швајцарскиот голман Јан Зомер имаше бурна ноќ. Во Лигата на шампионите се врати на „Сан Сиро“ како противник на Интер и со своите одбрани му помогна на Бриж сензационално да го победи својот поранешен клуб со резултат 4:3.
По натпреварот, тој објави дека се разделил со сопругата Алина Шнајдер, пренесуваат италијанските медиуми.
Зомер на натпреварот имаше неколку одбрани кои го одлучија победникот. Особено се истакна кога го запре ударот на Лаутаро Мартинез од непосредна близина при резултат 1:1.

Веста за разделбата Зомер ја објави на Инстаграм, на германски и на англиски јазик. Зомер и Алина беа во брак седум, а заедно беа десет години.
„По седум години брак, Алина и јас одлучивме да се разделиме на почетокот на оваа година. Оваа одлука ја донесовме по внимателно размислување и со заедничка согласност. Времето што го поминавме заедно ќе го паметиме со почит и благодарност“, напиша Зомер.
Алина Шнајдер е 35-годишна адвокатка од Келн. Таа и Зомер имаат две ќерки, Мила, родена во 2019 година, и Најла, родена во 2021 година.
„Нашите две ќерки засекогаш ќе нè поврзуваат. Нивната среќа и благосостојба остануваат наш најголем приоритет. Од почит кон нашето семејство, ве молиме да разберете дека нема да одговараме на дополнителни прашања за нашата разделба. Искрено го цениме вашето разбирање и ве молиме во овој период да ја почитувате нашата приватност“, порача тој.
Под објавата беа оставени стотици пораки со поддршка. Многу од нив ги напишаа навивачите на Интер, кои му се заблагодарија за годините поминати во клубот и му честитаа за одличниот настап.









