Карагер распали по Роналдо, Невил искрен: Не можам да го бранам во ваква ситуација!

Дерби

10/10/2026

11:25

452

Големина на фонт

а а а

Војната меѓу Жорж Жезус и Кристијано Роналдо ја подели јавноста во Португалија, но и севкупно во светот поради угледот кој го има капитенот на планетарно ниво, но и популарноста која ја ужива и во оваа доцна фаза од кариерата.

Легенди како Рио Фердинанд, Ромарио, па и новинарот Пирс Морган жестоко застанаа во одбрана на Роналдо и го нападнаа португалскиот селектор, но покрај таквата страна, има и поразлична која целосно го осудува големото его на Португалецот кој не остава простор за помладите во репрезентацијата, иако самиот вети дека ќе си замине по крајот на Светското првенство.

Џејми Карагер е последниот кој го нападна Роналдо за своите постапки и начинот на кој го напушти репрезентативниот камп, обраќање зад кое застана и Гери Невил како поранешен соиграч на Кристијано од Манчестер Јунајтед.

– Луѓето мислат дека е добро да се биде близок со фудбалери, но токму тука се гледа колку тоа може да биде проблематично. Пирс Морган и Рио Фердинанд се големи имиња во медиумите, без разлика дали ги сакате или не, но тие во последно време се посрамотуваатт со глупостите што ги зборуваат само затоа што го познаваат Роналдо. Можете да познавате некого и да се обидувате да го заштитите, но не можете да го браните она што е неодбранливо, – порача Карагер.

– Фактот што сето тоа се случи во период кога Меси се прости од Аргентина, како и начинот на кој секој од нив се справи со ситуацијата, можеби најдобро ги открива нивните вистински карактери. Меси можеби навистина има огромно его и е тежок за соработка, но очигледно е дека подобро го крие тоа, – заклучи Карагер, на што Невил возврати во „Оверлап шоуто“.

– Тешко е да зборувам за Кристијано бидејќи го сакам, но не можам да гледам што се случуваше за време на неговиот втор престој во Манчестер Јунајтед, а потоа да прочитам ваква изјава и да се преправам дека сè е во ред. Некој мора да му каже дека таквото однесување е неприфатливо. Проблемот е во тоа – кој ќе му каже дека греши? Сигурно нема да ме послуша мене или Џејми.

– Ако го сакате Роналдо, ваквите постапки прават да не го сакате. Ако не го сакате, само уште повеќе ќе го мразите. Сепак, не мислам дека ова трајно ќе го уништи неговото наследство. Кога ќе се пензионира за една година, луѓето ќе се сеќаваат на неговата големина и на сè што постигна на теренот, а можеби и ќе го заборават овој крај, – вели Невил, кој верува дека богатството и угледот кој го ужива прават да се чувствува недопирлив.

– Кога имате милијарда фунти во банка, толкав успех и толку многу моќ, почнувате да верувате дека сте недопирливи. Мислите дека можете да диктирате што смеат да кажат Федерацијата или менаџерот. Мило ми е што менаџерот остана доследен на својот став, – заврши Невил.