Ја отворате машината за алишта и чувствувате непријатен мирис? Веројатно правите некоја од овие 8 грешки

Точка

06/10/2026

21:03

651

Големина на фонт

а а а

Машината за перење алишта треба да ја остава облеката чиста и свежа, но понекогаш се случува токму спротивното – штом ќе ја отворите вратата, да почувствувате непријатен, застоен мирис. Иако првата помисла е дека проблемот е во детергентот или во самата машина, причината често се крие во начинот на кој ја користиме.

Влагата, остатоците од детергент и омекнувач, нечистотијата и влакната со текот на времето можат да се задржат во внатрешноста на машината и да создадат идеални услови за развој на мувла и бактерии. Ако непријатниот мирис веќе се појавил, проверете дали правите некоја од овие чести грешки.

1. Ја оставате вратата на машината затворена

Една од најчестите грешки е затворањето на вратата веднаш по завршувањето на перењето. Внатрешноста тогаш останува влажна, а затворениот простор без доволно воздух е погоден за појава на мувла и непријатни мириси.


По секое перење оставете ја вратата отворена некое време за да може барабанот да се исуши. Истото важи и за преградата во која се става детергент – ако е можно, извадете ја по перењето и оставете ја да се исуши.

2. Постојано перете на ниски температури

Перењето на пониски температури може да биде практично и поекономично во однос на потрошувачката на енергија, но ако речиси секој циклус се одвива на 20 или 30 степени, остатоците од детергент, омекнувач и нечистотија почнуваат да се таложат во машината.


Затоа е корисно повремено да се пушти празен циклус на повисока температура, во согласност со упатствата на производителот. Тоа може да помогне да се отстранат наслагите што се создаваат при секојдневното перење.

3. Ставате премногу детергент

Повеќе детергент не значи нужно и почиста облека. Ако користите поголема количина од потребната, дел од него може да остане во барабанот, гумата или цевките на машината.


Со текот на времето, тие остатоци се мешаат со влагата и нечистотијата, па стануваат една од причините за непријатниот мирис. Затоа количината на детергент приспособете ја според количината на алишта, степенот на валканост и тврдоста на водата.

4. Претерувате со омекнувачот

Омекнувачот остава мирис што на многумина им е пријатен, но неговото прекумерно користење може да доведе до создавање наслаги во машината. Дел од производот останува на површините низ кои поминува водата, особено ако машината често се користи.


Ако забележите дека алиштата по перењето немаат свеж мирис, туку токму спротивното, обидете се некое време да ја намалите количината на омекнувач.

5. Не ја чистите гумата околу вратата

Гумата околу вратата на машината често е место што се занемарува. Во нејзините набори можат да останат вода, влакна, конци, остатоци од детергент и ситни нечистотии.


Затоа повремено пребришете ја и проверете ги внатрешните набори. Токму оттаму може да доаѓа непријатниот мирис, кој потоа се шири низ целата машина.

6. Ја заборавате фиоката за детергент

Ако фиоката изгледа како постојано да е влажна или забележувате наслаги во неа, време е за чистење. Остатоците од прашок и омекнувач се лепат на нејзините ѕидови и со текот на времето почнуваат непријатно да мирисаат.


Извадете ја фиоката, доколку конструкцијата на машината го дозволува тоа, измијте ја и добро исушете ја пред повторно да ја вратите.

7. Не го чистите филтерот

Филтерот на машината има важна улога во задржувањето ситни предмети и нечистотии, но со текот на времето во него се наталожуваат влакна, конци и други наслаги. Затоа треба редовно да се проверува и чисти во согласност со упатствата на производителот.


Ако машината, покрај непријатниот мирис, почне побавно да ја исфрла водата или да остава вода во барабанот, особено е важно да го проверите филтерот.

8. Ги оставате мокрите алишта со часови во машината

Ако по завршувањето на програмата ги заборавите алиштата во машината неколку часа, особено во потоплите денови, тие можат да добијат застоен мирис. Тој мирис потоа се пренесува и на внатрешноста на барабанот. Затоа е најдобро алиштата да ги извадите што е можно побрзо по завршувањето на перењето и да ги раширите да се исушат.


Како да спречите мирисот повторно да се појави?

Најважно е машината да ја одржувате сува и чиста. По перењето оставете ги вратата и фиоката отворени, редовно чистете ја гумата и фиоката за детергент, проверувајте го филтерот и повремено пуштајте соодветен циклус за одржување според препораките на производителот.

Ако непријатниот мирис и по чистењето упорно се враќа, проблемот може да биде подлабоко во одводот или во други делови од системот.