Една од популарните плажи во австралискиот Перт во изминатите денови привлече два сосема различни вида посетители.
На плажата Сити Бич се собраа стотици луѓе за одблизу да го видат телото на грбав кит („Megaptera novaeangliae“), долг околу 13 метри. Снимките од дрон, направени од Ана Лофи, го прикажуваат огромното тело на песокот.
Надлежните затворија сè
Меѓутоа, набрзо се покажа дека китот не ги привлекол само луѓето, пренесува „People“.
Имено, телото привлекло повеќе ајкули, меѓу кои имало и големи бели ајкули, кои се приближиле на само неколку метри од брегот. Поради тоа, властите ги затвориле Сити Бич и другите плажи на подрачјето на општината Кембриџ.
Експертите предупредиле дека опасноста нема веднаш да исчезне по отстранувањето на китот. Мирисите и „соковите“ кои се создаваат при распаѓањето на месото би можеле да ги задржат ајкулите во тоа подрачје најмалку една недела, изјавил Кулам Браун, раководител на Лабораторијата за риби на Универзитетот Меквори.
„Магнет“ за предаторите
И покрај предупредувањата, стотици семејства доаѓале на плажата за да го видат китот и да ги набљудуваат ајкулите.
Експертите објаснуваат дека телата на китовите се меѓу најбогатите извори на храна во океанот. Нивните тела се преполни со енергетски богато масно ткиво, поради што претставуваат силен „магнет“ за предаторите.
Градоначалникот на општината Кембриџ, Гари Мек, ги предупредил посетителите да не му се приближуваат на мртвото морско животно, како и да не користат дронови.

„Тоа не е играчка“
„Тоа не е играчка ниту предмет за забава. Тоа е мртво животно кое треба да биде отстрането на соодветен начин и што е можно побрзо“, изјавил Мек.
По повеќедневна операција, телото тешко околу 31 тон било отстрането од Сити Бич на 1 октомври. Потоа било транспортирано на депонија во североисточниот дел на Перт, каде што било закопано во контролирани услови.
Се проценува дека целата операција за отстранување чинела околу 100.000 австралиски долари.









