Закон е закон: Општина во Германија платила 10.000 евра за лекување на мачор

Точка

06/10/2026

14:15

780

Големина на фонт

а а а

Општината Халфинг во баварскиот округ Розенхајм ја презела сметката за лекувањето на мачорот Муцки во износ од над 10.000 евра, откако животното било спасено од опасна стапица и пренесено во ветеринарна клиника.

Мачорот Муцки бил пронајден како со часови виси заглавен во прозорец отворен „на кип“. Го презел прифатилиштето за животни Остерминхен и веднаш го упатило во клиника, каде што по сложен дијагностички процес му била утврдена епилепсија.

Бидејќи станувало збор за пронајдено животно без познат сопственик, прифатилиштето ја проследило сметката до Општината Халфинг, на чие подрачје бил пронајден мачорот. Општината во целост ги покрила трошоците, објави дневниот весник „BR24“.

„Пронајдените животни не можат едноставно да бидат евтаназирани бидејќи во секој момент може да се појави нивниот сопственик“, посочил Тилман Ригер, раководител на прифатилиштето Остерминхен, додавајќи дека општината постапила исклучително коректно.

Добра вест е дека Муцки закрепнал, моментално престојува во прифатилиштето и ги чека своите нови сопственици, со напомена дека трајно ќе мора да зема лекови.

Според германскиот закон, пронајдените животни се третираат како „пронајдени предмети“, со што потпаѓаат под директна надлежност на општините. Иако општините со прифатилиштата главно склучуваат договори за паушални надоместоци или поединечни плаќања, прифатилиштата и понатаму се соочуваат со хроничен недостиг на средства и капацитети. Во прифатилиштето Остерминхен моментално престојуваат 140 мачки, што е најголем број досега.


Поради сè поголемиот број напуштени животни, округот Розенхајм изработил нова Одредба за заштита на мачките, која стапува во сила на 1 февруари 2027 година во пет општини со најизразен проблем (Фелдкирхен-Вестеркам, Пфафинг, Амеранг, Гристет и Тунтенхаузен). Со одредбата сопствениците се обврзуваат да ги кастрираат, чипираат и бесплатно регистрираат своите мачки во централниот регистар на домашни миленици.

Раководителот на Управата за ветеринарство во Розенхајм, Ернст Андиел, истакнал дека целта на одредбата е спречување на неконтролираното размножување на мачките без сопственици и создавање правна основа за нивно фаќање, означување и кастрација, со што ќе се намали притисокот врз прифатилиштата.

Од Управата за ветеринарство навеле дека на усвојувањето на прописот му претходел долг процес на подготовка, со цел мерките да бидат пропорционални, при што најавиле дека правилата ќе се приспособуваат во зависност од состојбата на теренот.

Од друга страна, локалниот одбор на десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) ја критикувал новата одлука, нарекувајќи ја прекумерно мешање во правата на сопствениците, и најавил покренување на ова прашање во покраинскиот парламент на Баварија, објави „BR24“.