Џинови од градината: Најтешката тиква во Швајцарија тежи повеќе од 650 килограми, а соборен е и светскиот рекорд за најдолга лута пиперка

Точка

05/10/2026

17:02

1.172

Големина на фонт

а а а

Најтешката тиква во Швајцарија оваа година тежи 651,5 килограми, а е одгледана во приватна градина во кантонот Цирих, пренесе швајцарската агенција „Keystone-SDA“.

Ова е трета година по ред одгледувачот Флоријан Излер од Еслинген, во кантонот Цирих, да ја освојува титулата швајцарски шампион во одгледување џиновски тикви, соопшти организаторот на натпреварот Јукер Фарн, пренесе „Свисинфо“.

Тиквата припаѓа на сортата „Атлантик џин“ а нејзиниот одгледувач Излер поставил уште три швајцарски рекорди – за најтежок примерок од сортата „Бушел гард“, тежок 136,6 килограми, за највисок сончоглед, висок 7,695 метри и за најтешка лубеница, која тежела 97,2 килограми.

Соборени се и други швајцарски и светски рекорди во одгледувањето џиновски зеленчуци. Семејството Мајер од Детликон, исто така од кантонот Цирих, сега го држи светскиот рекорд за најтежок сладок компир, односно за поединечна кртола тешка 13,6 килограми, додека Јирг Висли од Дозвил, во кантонот Тургау во североисточна Швајцарија, поставил светски рекорд за најдолга лута пиперка, долга 54,3 сантиметри.

На фармата „Бихлихоф“ биле измерени вкупно 18 џиновски тикви. За натпреварот се пријавиле 16 екипи, меѓу кои две екипи на одгледувачи и две семејства. Меѓу 18-те измерени примероци имало 14 портокалови тикви од сортата „Атлантик џин“ и четири зелени тикви.

Актуелниот швајцарски рекорд за најтешка тиква изнесува 1.054 килограми, додека светскиот рекорд е 1.278,8 килограми. За време на саботниот натпревар, различните видови зеленчуци биле пренесувани до вагата со виљушкар.