Еден од најдобрите и најомилените Италијанци во светот на фудбалот на сите времиња, Франческо Тоти, е роден на 27 септември 1976 година и денес одбележува половина век од својот живот.
Франческо Тоти беше Принцот на Рим, „Il Capitano“ и Гладијаторот кој целата своја кариера ја помина играјќи за својата Рома. Имаше фантастична кариера, а неговото простување од фудбалот ни донесе едни од најемотивните сцени што некогаш биле забележани на стадионите ширум светот.
А, во морето интересни детали се издвојува начинот на кој стигна до титулата светски шампион, бидејќи Светското првенство во 2006 година го освои со 13 шрафови во ногата и 33 спојници по тешката операција.

Тешка повреда на натпреварот со Емполи
Беше 19 февруари 2006 година кога Франческо Тоти на натпреварот против Емполи заработи една од најтешките повреди. Лекарите соопштија – капитенот на Рома ја скршил фибулата, а неколку лигаменти и нерви во скочниот зглоб биле сериозно оштетени.
Но, за Италијанците тоа не беше најлошата вест, туку нешто друго: Светското првенство во Германија започнуваше за 109 дена. Аѕурите без Тоти не беа ни блиску до светскиот врв.

Трка со времето
Веднаш беше опериран од познатиот италијански доктор Паоло Маријани. Операцијата траеше неколку часа, а лекарите мораа да му вградат 13 шрафови и трајна титаниумска плочка во скочниот зглоб.
Можеби и пресудниот момент се случил пред Тоти да влезе во операционата сала.
„Ќе играм на Светското првенство, но многу работи зависат од тебе“, му рекол фудбалерот на докторот.

И додека ширум „Чизмата“ се водела полемика за тоа кој треба да го замени Тоти, една личност никогаш не престанала да верува во него. Еден човек, но најважниот. Селекторот Марчело Липи.
Уште од самиот почеток бил убеден – Тоти ќе игра во Германија.
Закрепнувањето било подобро од она што го очекувале и најголемите оптимисти. Тоти веќе по пет недели трчал и ја оптоварувал повредената нога.

Неполни три месеци по тешката повреда, Тоти се врати на теренот. Рома на 11 мај играше во Купот на Италија, а Тоти беше во тимот.
Секако, не беше ни блиску до својата идеална форма. Ниту на 50 проценти.
Липи го одржа зборот и го поведе во Германија. Тоти беше едвај на 60 проценти од своите можности.

Асистенции и пенал кои ја одржаа Италија во живот
Липи му објаснил на Тоти дека нема да го форсира, туку внимателно ќе му ја дозира минутажата, а тој во тој период мора да ја направи разликата.
И Тоти го направи тоа.
Во текот на групната фаза забележа четири асистенции. Но, неговиот врв беше натпреварот од осминафиналето против Австралија. Италија се мачеше и се мачеше. Тоти влезе од клупата во второто полувреме, а потоа стигна одлучувачкиот момент – пенал за Аѕурите во 90+5. минута.
Со притисокот на 60 милиони Италијанци и скочен зглоб со 13 шрафови и титаниумска плочка, Тоти ја зеде топката и ја испрати во мрежата. Ја одведе Италија во четвртфиналето.

140 дена подоцна – светски шампион
Во четвртфиналето лесно беше совладана Украина со 3:0, а Тоти запиша две асистенции, и тоа при првите два гола.
Против Германија во полуфиналето го одигра целиот натпревар, поточно 120 минути, бидејќи одлучуваа продолженијата. Италија славеше со 2:0 со голови во 119. и 120. минута.
Сега веќе славното финале меѓу Италија и Франција, запаметено по конфликтот меѓу Зинедин Зидан и Марко Матераци, им припадна на Аѕурите по изведувањето пенали.
Само 140 дена по операцијата поради тешката повреда, Франческо Тоти ја освои титулата светски шампион.

Скандалозен крај на бракот
Може да се каже дека љубовниот живот на Тоти е прилично бурен, со оглед на тоа што по 17 години брак и 20 години врска се раздели од сопругата Илари Блази.
Нивната разделба веќе неколку години ја потресува Италија поради имотната расправа, но и поради деталите кои довеле до неа.
Славниот фудбалер и моделот имаат три деца, Шанел, Кристијан и Изабел, а и околу старателството над нив се водеше жестока судска битка.
Тоти пред неколку години излезе во јавноста со детали за разделбата.

„Поради коронавирусот го загубив татко ми, а жена ми не беше со мене. Го проверив нејзиниот мобилен телефон, што дотогаш никогаш не го правев, и најдов пораки. Повеќе не можев да спијам, ништо не беше исто. Мојата сопруга, кога најмногу ми беше потребна, ја немаше. До мене стигнуваа гласини: ’Слушај, Илари има друг‘. Во реалноста, имаше повеќе од еден. Никогаш не си го направивме тоа еден на друг во текот на 20 години, а потоа почнаа да пристигнуваат предупредувања од различни луѓе на кои им верувам. Еднаш го погледнав нејзиниот мобилен телефон и видов порака од посредник меѓу Илари и трето лице. Пишуваше: ’Ќе се видиме во хотелот‘“.
По нивната разделба, медиумите пишуваа дека и Тоти одвреме-навреме ја изневерувал сопругата, но тој го негира тоа. Дури подоцна почнал да се гледа со Ноеми Боки.
„Имаше многу гласини дека сме се изневерувале еден со друг, но не е точно. Сега ќе ви го докажам тоа. Факт е дека паднав во депресија … Се преправав дека сè е во ред, но тоа не бев јас. Од сето тоа излегов благодарение на Ноеми“, порача Тоти.



















