„Од мали нозе сонував за овој дрес…“: Го сакаше Србија, тој ја избра Македонија

Точка

21/09/2026

20:02

1.170

Големина на фонт

а а а

„Стигнав до првиот тим на Ѕвезда, а сега и до А репрезентацијата на Македонија“, вели Гаштаров.

Се крена голема прашина околу тоа за која репрезентација во иднина ќе настапува Матеј Гаштаров, но младиот фудбалер сега стави крај на сите дилеми.

Гаштаров, кој помина низ речиси сите младински селекции на Македонија, се најде на радарот на Србија, но одлучи да го прифати повикот од земјата за која веќе настапуваше во младинските категории.

Младиот фудбалер на Црвена Ѕвезда ќе биде дел од А репрезентацијата на Македонија во текот на септемврискиот циклус, а повикот за него пристигна како големо признание за одличните партии во претходниот период.


Гаштаров особено напредуваше по доаѓањето на Алберт Риера на клупата на Црвена Ѕвезда, додека кај претходниот тренер Дејан Станковиќ не успеваше да се избори за позначајна улога.

Сега ситуацијата е сосема поинаква. Младиот фудбалер стана дел од првиот тим на Ѕвезда, а потоа доби и повик во сениорската репрезентација на Македонија.

На собирот на националниот тим Гаштаров не го криеше задоволството поради остварувањето на сонот.


„Сонував за ова уште од мали нозе. Среќен сум што добив повик и очекувам добро да се покажам. Сите убаво ме прифатија, а зад мене е добар период во кој многу работев. Стигнав до првиот тим на Ѕвезда, а сега и до А репрезентацијата на Македонија. Подготвен сум да одговорам на сите барања на тренерот, а признавам дека ова не го очекував. Секако дека верував во себе, но не мислев дека за еден месец ќе дебитирам за Ѕвезда и за Македонија“, изјави Гаштаров.

Младиот фудбалер потоа зборуваше и за очекувањата од претстојните натпревари, особено за дуелот со Швајцарија.


„Се надевам дека циклусот ќе го започнеме со победа против Швајцарија. Важно е да го дадеме максимумот и да го оставиме срцето на теренот за Македонија. Лично, секогаш одам на победа, без разлика кој е на спротивната страна. Секако, го почитувам секој противник, но знам дека имаме квалитет“, нагласи Гаштаров.

Момчето родено во 2006 година за краток период направи голем исчекор во кариерата. Од фудбалер кој се бореше за место во првиот тим на Црвена Ѕвезда стигна до статус на репрезентативец на Македонија, а големи заслуги за неговиот развој има Алберт Риера.