Пратеничката група на Левица предлага законски измени за заштита на работничките права кои ќе го регулираат bolедувањето на законско ниво, со цел да се спречат злоупотребите и да се заштити достоинството и правата на работниците.
Пратеничката група на Левица ќе предложи законски измени со кои правото на боледување на работниците ќе се уреди на законско ниво, откако Фондот најави скратување на периодот на боледување и контрола на работниците во нивните домови, известува партијата.
Пратеникот Амар Мециновиќ на денешната прес-конференција истакна дека суштинските права на работниците не смеат да бидат оставени на подзаконско уредување, туку мора прецизно да се утврдат со закон, вклучително и правата и обврските на работникот, овластувањата на Фондот, товарот на докажување и правото на приговор и жалба.
„Несомнено е дека има злоупотреби во боледувањето и во механизмот на боледувањето, но ја имаме и другата страна на приказната. Во јавната администрација имаме луѓе од ДПМНЕ кои за време на работното време, без боледување, излегуваат и држат прес-конференции. Ете, тоа е едната екстрема за злоупотреба. Од друга страна, ги имаме сите оние луѓе кои работат во внатрешноста на Македонија, во големите индустриски капацитети, каде што нашите работници и работнички не само што не ги уживаат правата кои треба да ги уживаат, туку во овие фирми од време на време имаме и смртни случаи.“
Од Левица сметаат дека злоупотребите на боледувањето треба да се санкционираат, но контролата мора да биде насочена кон процесот на одобрување на боледувањето, а не кон нарушување на достоинството и приватноста на работникот преку контроли во неговиот дом.
„Боледувањето не е куќен притвор. При времената спреченост за работа значи дека човекот во определен период медицински не е способен да ги извршува своите работни задачи. Тоа само по себе не значи дека човекот е должен 24 часа да биде во својот дом.“
Работникот за време на боледување може да биде кај лекар, во аптека, лабораторија, на терапија или рехабилитација, а кај определени здравствени состојби движењето може да биде составен дел од медицинскиот режим. Поради тоа, самото незатекнување на работникот на неговата адреса не смее автоматски да се претвора во доказ за злоупотреба.
„Не може еден правилник и едно подзаконско уредување да бидат купола над сето тоа што медицинската струка треба да го потврди за поединечните случаи кои можат да имаат многу варијабли кај нашите работници.“
Мециновиќ посочи дека боледувањето не претставува привилегија, туку право кое работникот го стекнува преку својот труд и преку придонесите што ги издвојува.
„Тоа не е подарок од работодавачот, тоа не е подарок од институциите, од Фондот или од Владата. Тоа е право кое работникот го добива преку својот труд. Како дел од системот за здравствено и социјално осигурување, тој постои за да се обезбеди болеста или повредата да не го принуди човекот да избира помеѓу здравјето и сопствената егзистенција.“
Пратеничката група на Левица ќе предложи оваа материја да се издигне на ниво на закон, со цел да се обезбеди правна сигурност за работниците и да се спречи нивните права да зависат од подзаконски акти.
„Мораме негде да ја повлечеме цртата. Ова е моментот да го одземеме правото на Фондот подзаконски да ја уредува оваа материја и да ја издигнеме на ниво на Собрание, затоа што логиката на Собранието е дека не може да се собереме два милиони во една зграда, туку го делегираме нашиот заеднички суверенитет на 120 луѓе. И тие 120 луѓе имаат директна обврска да ја штитат социјалната држава, нашите работници и најслабите помеѓу нас.“
Левица дополнително разгледува и воспоставување порамноправен модел за надоместокот на плата за време на боледување, со кој определен број денови на годишно ниво би биле гарантирано покриени без намалување на платата на работникот.
















