Молскавичното напредување на Хутите во Јемен го стави стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб под нивна контрола и некогашната слабо опремена планинска милиција ја претвори во регионална сила способна да ја загрози едната од клучните светски поморски рути.
Хутите во последните денови го зазедоа пристанишниот град Мока, остатокот од јужниот брег на Тихама, како и островите во Црвеното Море. Со тоа, тие сега го контролираат брегот долж целиот јеменски дел од Баб ел-Мандеб, теснец широк само 19 километри, пишува „Ројтерс“.
Територијалните придобивки им овозможуваат полесно да ги загрозуваат бродовите во Црвеното Море, важна рута за саудискиот извоз на нафта кон Азија, но би можеле да послужат и како појдовна точка за нов копнен продор кон Аден.
Саудиска Арабија одговори со воздушни напади во поддршка на силите поврзани со меѓународно признатата јеменска влада.
Од планините до главниот град
Хутите кон крајот на 1990-тите започнале како движење за верска преродба на зејдиските шиити во северниот дел на Јемен, собрани околу семејството Хути.
По шест војни против јеменската влада, тие изградиле силна локална милиција. Распадот на централната власт за време на Арапската пролет во 2011 година им овозможил територијално ширење и развивање односи со Иран и либански Хезболах.
Во 2014 година го зазеле главниот град Сана, ја собориле владата и ја запреле политичката транзиција поддржана од земјите од Персискиот Залив.

Потоа следувала воена интервенција на коалицијата предводена од Саудиска Арабија и повеќегодишна граѓанска војна, која во 2022 година преминала во примирје.
Примирјето се распаднало во последните неколку недели, а борбите повторно започнале на старите линии на фронтот.

Ракетите можат да стигнат до Израел
Способноста на Хутите да изведуваат напади далеку надвор од Јемен е една од главните причини поради кои денес претставуваат регионална закана.
Нивните балистички ракети можат да стигнат до Израел, оддалечен повеќе од 1.800 километри. Една од нив во 2025 година го погодила подрачјето на главниот израелски аеродром.

Ракетите и беспилотните летала на Хутите повеќепати гаѓале и саудиски градови и енергетска инфраструктура, додека нападите врз трговските бродови сериозно го нарушија сообраќајот низ Црвеното Море.
За време на војната во Газа од 2023 до 2025 година, Хутите тврдеа дека нападите ги изведуваат во знак на солидарност со Палестинците. По почетокот на американските напади врз нивниот главен сојузник Иран кон крајот на февруари оваа година, тие повторно ги интензивираа нападите врз бродови и саудиската енергетска инфраструктура.

350.000 борци
Според извештајот на панелот експерти на ОН од 2025 година, Хутите располагаат со околу 350.000 борци. ОН наведуваат дека оваа бројка делумно е достигната и со регрутирање лица помлади од 18 години.
Нивната трансформација не би била можна без развојот на ракетните капацитети и капацитетите за беспилотни летала.

ОН утврди дека Хутите ги развивале овие технологии преку комбинација од техничка помош и домашно производство, додека оружјето било шверцувано по морски пат и преку границата со Оман и покрај ембаргото.
Биле запленувани мотори и системи за управување со беспилотни летала, делови од балистички ракети и ирански противтенковски ракети.

Ирански извори наведоа дека Техеран им испраќал оружје и експерти на Хутите, иако Иран официјално негира дека ги вооружува прекршувајќи го ембаргото на ОН.

Меѓународниот институт за стратешки студии (IISS) во 2025 година заклучи дека Хутите постигнале значителен напредок во сопственото производство на оружје, но дека за клучните технологии и напредните способности и натаму зависат од Иран.

Според експертите на ОН, оперативци на Хезболах специјализирани за ракети и беспилотни летала биле присутни со Хутите во текот на 2025 година. Аналитичарите сметаат дека токму долгогодишната обука од Иран и Хезболах била клучна за нивната трансформација – од локална планинска милиција во организирана воена сила која денес може да го загрози поморскиот сообраќај низ еден од најважните стратешки премини во светот.
Фото: Ројтерс, АП, Франс 24
















