[ФОТО] Челични конструкции колку 11-катници се спуштаат во земјата за стабилизирање на земјиштето и изградба на најтешкиот дел од автопатот Охрид – Кичево, кажа Николоски

Макфакс

17/09/2026

16:10

591

Големина на фонт

а а а

Александар Николоски, заменик претседател на Владата и министер за транспорт, ги образложи градежните активности и напредокот во стабилизацијата на најсложениот дел од автопатот Охрид – Кичево, при што се применуваат иновативни инженерски решенија со употреба на челични конструкции кои се спуштаат десетина катови во земјата за обезбедување стабилна основа.

Во денешната изјава за медиуми заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, зборуваше за градежните активности на најсложениот дел од автопатот кај Ботун, како и за техничкото решение со кое се стабилизира нестабилното земјиште.

Тој посочи дека специфичните услови на теренот досега претставувале сериозен предизвик за изградбата, но преку со ангажирање домашни и странски експерти е пронајдено решение. Николоски објасни дека проблемот произлегува од природните карактеристики на земјиштето, што ја отежнува стабилизацијата на теренот.

„Има работи што можеме да ги направиме и работи што не можеме да ги смениме. Она што не можеме да го смениме е земјата. Околу вас можете да видите дека се работи за црна графитна земја, која што е најнестабилна земја, којашто воопшто може да се најде. Таква е планината. Тука дополнително има многу вода, што може да се види по вегетацијата, околу нас и кога водата ќе се спои со графит, тогаш настанува една каша и нема никаква стабилизација. Тоа е причината зошто овој дел околу селото Ботун до сега беше невозможно“, рече Николоски.

Тој истакна дека условите во тој дел се главната причина поради која тој дел од автопатот е сложен и бара поинаков пристап, а кажа и дека во процесот да се најде решение за истото биле вклучени домашни професори и експерти, научници, и компанијата „Синохидро“.

„Ги собравме најголемите умови кои што ги има Македонија, ги собравме најдобрите професори кои што ги има Македонија и најискусните луѓе, во соработка со светски научници, со луѓе кои што ова го правеле на други места во светот и секако во соработка со „Синохидро“ и со нивни научници и решението го имаме позади нас. Имено, стабилизацијата ќе оди со една специјална техника која што кога ќе се изгради автопатот, за жал никој веќе нема да може да ја види и затоа сакавме денеска да ја презентираме“, кажа Николоски и додаде:

„Позади нас можеме да видиме машини, од кои што секоја тежи по 130 тона, такви во моментов има три, ќе се додадат уште две, пет машини кои што специјално се донесоа за оваа работа, се донесоа надвор од државата. Секој од овие машини влегува во земјата во должина од 20 до 28 метри. Тоа е помеѓу 7 и 11 ката зграда. Се влегува во земјата 7 до 11 ката надолу, се спуштаат арматурни кафези, секој арматурен кафез тежи по 30 тона железо и истите после тоа се поливаат со бетон. Помеѓу нив има цевки и има челични јажиња, кои што ги држат едните со другите и практично ние под земјата создаваме една целосна структура која што треба да ја држи основата на автопатот. Вакви решенија ќе се направат вкупно 250 на автопатот Охрид-Кичево коишто 163-те се кај Ботун, останатите се на останатиот дел од автопатот, вклучувајќи и кај Кнежино, кај Кичево и на овој начин се решава најтешкиот дел од автопатот“.

Николоски вели дека ова решение е новина во целиот регион и поради тоа е и предмет на интерес кај стручната јавност.

„Ова е убедливо инженерски најтешкиот дел и ова е делот кој што претставува новина не само Македонија, токму во целиот регион, нешто за што ќе се предава на факултетите и несклучено најголемиот светски симпозиум на научници во делот на градежништвото од вчера почна во Скопје, денеска се предава токму за ова што е позади нас“.