Пред само неколку месеци, американската актерка Инде Наварет главно и беше позната на публиката од сериите „13 Reasons Why“ и „Superman & Lois“. Денес, 25-годишната актерка е едно од најзвучните млади имиња во Холивуд, ѕвезда на големиот кинохит „Obsession“ (Опсесија) и актерка за чија можна номинација за Оскар веќе сериозно се зборува.
За нејзиниот ненадеен пробив е заслужен хорор-филмот „Опсесија“, на режисерот Кари Баркер, во кој Наварет ја игра Ники Фримен. Улогата ѝ донесе одлични критики, а голем број критичари особено ја истакнуваат нејзината физички напорна и интензивна интерпретација на ликот кој се наоѓа под влијание на необична опсесија. „Варајети“ веќе ја издвои како едно од најголемите откритија во актуелната сезона на филмски награди.
Филмот, во меѓувреме, се претвори во неочекуван комерцијален феномен. Според американските медиуми, филмот „Опсесија“ остварил речиси 500 милиони долари приходи во кината ширум светот и станал најголемиот хит во историјата на „Focus Features“, пишува „Варајети“.

Со глума почнала да се занимава уште како тинејџерка, а првата поголема препознатливост ја стекнала во четвртата сезона од серијата на Нетфликс „13 Reasons Why“, во која ја толкувала Естела де ла Круз.
На пошироката телевизиска публика особено ѝ е позната по улогата на Сара Кушинг во серијата „Superman & Lois“, во која глумела од 2021 до 2024 година. Пред големиот пробив имала и помали улоги во филмови, меѓу кои и „Wander Darkly“, а нејзиниот пат во филмската индустрија се развивал постепено, далеку од статусот на ѕвезда која се прославила преку ноќ.

Иако номинациите за претстојните Оскари сè уште не се објавени, Наварет веќе се споменува како можна кандидатка во категоријата за најдобра главна женска улога, што е особено интересно бидејќи Академијата традиционално ретко ги наградува актерските остварувања во хорор-филмовите.

Дел од специјализираните портали кои ја следат сезоната на награди веќе ја вброија меѓу водечките имиња во трката, додека „Focus Features“ наводно започнал кампања за нејзината изведба.
На прашањето за можноста да добие номинација за Оскар, Наварет изјавила дека за неа би било посебно дури и самото искуство да присуствува на церемонијата, бидејќи доделувањето на Оскарите уште од детството го гледала заедно со своето семејство.

Наварет неодамна добила и ангажман кој би можел да ѝ донесе уште поголема глобална препознатливост. „Марвел Студиос“ официјално потврди дека во новиот филм за „Икс-мен“ ќе ја игра Роуг, една од најпознатите мутантки од овој серијал. Станува збор за хероина чија моќ не ѝ дозволува безгрижен физички контакт со другите – со допир може да ги апсорбира нивните способности, сеќавања и дел од животната енергија.

Филмот го режира Џејк Шрајер, а Наварет ќе биде дел од голема актерска екипа во која се Сејди Синк како Џин Греј, Кит Конор како Киклоп, Кристофер Абот како професорот Чарлс Ксавиер, Маја Бојд како Сторм, Самара Вивинг како Ема Фрост и Адам Драјвер како негативецот Мистер Синистер.
„Марвел“ засега најави дека филмот ќе пристигне во кината на 5 мај 2028 година.

За Наварет тоа е особено голема можност бидејќи Роуг не е спореден лик, туку една од клучните фигури во „Икс-мен“, со богата историја во стриповите и нивните екранизации.
Во играните филмови претходно ја глумела Ана Паквин, додека ликот им е добро познат на генерации обожаватели и од анимираната серија „Икс-мен“.
Новата верзија на Роуг би требало да ѝ ги отвори вратите на Наварет кон една од најголемите франшизи на денешницата, непосредно откако со својата изведба во „Опсесија“ го привлече вниманието на критичарите и публиката.