Весна Јаневска, министерката за образование и наука, на првиот ден од учебната 2026/2027 повика родителите да им посветат повеќе внимание на своите деца и ги охрабри учениците да избегнуваат насилство и да ги ценат пријателствата.
На првиот ден од учебната 2026/2027 година, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, го посети основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје, од каде им посака среќен почеток и многу успеси на сите ученици, родители, наставници и стручни соработници во државата.
„Учете, затоа што знаењето е најголемата сила што можете да ја добиете. Тоа богатство никој не може да ви го одземе, а со него можете да направите многу добри работи. Можете да си ги остварите желбите и да стигнете до местата за кои сонувате, а сѐ што треба е да верувате во себе и секој ден да учите“, рече министерката.
Побара од учениците никогаш да не избираат насилство како решение.
„Изберете да бидете пријатели со другите деца. Не ги исмевајте и помогнете им. Навредите, погрдните зборови и насилството не значат дека сте јаки. Напротив. Тие се знак на слабост. Ако некој е поинаков од вас, не значи дека треба да му се потсмевате или да го отурнувате“, нагласи Јаневска.
Обраќајќи се до родителите, апелираше да им посветат повеќе внимание на своите деца.
„Кога наставниците и семејството работат заедно на градење на емпатични ученици, тогаш можеме да создадеме училишни средини каде сите се чувствуваат безбедно и прифатено. Родителите ни се најважните сојузници во напорите да изградиме генерации на млади кои имаат доволно знаења и вештини за живот и работа во новото време. Највредното нешто што може да го добијат децата од родителите е нивната љубов и внимание. Кога домот е мирен и исполнет со топлина, децата безгрижно доаѓаат во училиште подготвени да стекнуваат се повеќе знаења. Само така можеме заедно, наставници и родители, да им пренесеме на децата вистински вредности“, додаде Јаневска.
Министерството за образование и наука и Македонски Телеком во текот на училишната година ќе реализираат кампања за градење позитивна училишна средина и единство меѓу младите, насочена против врсничкото насилство. Кампањата, пред првиот училишен час ја најавија министерката Јаневска и главниот извршен директор на телекомуникацискиот оператор, Горан Марковиќ.












