Министерот за здравство апелира до граѓаните да ја зголемат вакцинацијата кај децата поради растот на случаите со морбили во Косово и Бугарија и загрижувачкиот нисок опфат на вакцинација во Македонија.
Министерот за здравство смета дека се создадени услови за алармирање на јавноста за опасноста од епидемија на морбили по порастот на случаите во Косово и во Бугарија.
Тој утрово повика децата да се вакцинираат оти опфатот на вакцинацијата е загрижувачки 62%, наспроти посакуваните 95% вакцинирани деца.
Апел за вакцинација
„Сакам да упатам апел до сите граѓани на Македонија да поревносно пристапат кон вакцинација од морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок, 62 проценти, еве од Институтот за јавно здравје укажуваат тоа. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи од морбили во Косово и во Бугарија, така што имаме причини веќе да почнеме со алармирање и ќе се обидеме во наредните денови и недели низ повеќе активности да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата од морбили, односно да се зголеми опфатот за да превенираме можна епидемија на морбили во Македонија“, алармира министерот Клековски.
Статистика за опфатот на вакцинацијата
Од Институтот за јавно здравје велат дека согласно извештајот за 2025 година, за ниту една вакцина од редовниот календар не е постигнат посакуваниот опфат од 95%. За хепатитис Б има 77%, за хемофилус инфлуенца 78%, дифтерија, тетанус, пертусис тука има 79% иако имавме епидемија во 2024 година. За вакцината против полио опфатот е 79%, 62 % е опфатот на МРП вакцината и вакцините со кои релативно секогаш има опфат, тоа се ХПВ со 51% и најновите вакцини кои се внесени во календарот пред некоја година, рота и пнеумокок, со 64 и 80%.
Историски опфат на МРП вакцина
Анализите покажуваат најголем опфат за МРП вакцината во 2019 година, кога имаше епидемија на морбили. Прва доза од вакцината примиле 93,1% од децата, а втора 93,4%.












