Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека денеска во сите училишта во државата се обезбедени бесплатни учебници, нешто што пред три години било незамисливо, и истакна дека продолжуваат вложувањата во реконструкција на училишните објекти и спортски инфраструктури.
Премиерот Христијан Мицкоски, за време на денешната посета на Општина Бутел, одговарајќи на новинарско прашање за состојбата со учебниците на стартот на учебната година, истакна дека, иако тоа пред три години претставуваше мисловна именка, денеска во сите училишта низ државата се обезбедени бесплатни учебници за сите ученици, а покрај тоа се градат нови и се реконструираат огромен број училишта, како и спортски сали и базени, со цел да се обезбедат што подобри услови за нашите најмили.
„Да, можам да потврдам дека во сите училишта во државата се обезбедени бесплатни учебници, нешто што до пред три години претставуваше мисловна именка, нешто што беше невозможно. На учениците им се диктираше до половина учебна година, а некои и цела учебна година не го добиваа учебникот. Сега овие од талогот како да ги заборавија тие времиња кога немавме учебници, па ги гледам таа мала група од талогот како денеска се дрзнува да спомнува, да критикува и, дури би рекол, во одредена мерка и да навредува. Но, ние како Влада продолжуваме и понатаму да вложуваме за нашите најмили, а тоа се децата. Вложуваме во реконструкција на училиштата — гледате, наскоро, за некоја недела ова училиште ќе добие проширување. Се градат базени, се градат спортски сали, се градат нови училишта, се доградуваат училишта, се реновираат“, истакна Мицкоски и додаде:
„Така што можам да кажам, како што кажа и градоначалникот, над 50 објекти, можеби и повеќе низ државата, се реконструираат. Дали е тоа доволно? Не е. Дали треба повеќе? Треба, но, извинете, верувајте, за две години ние не можеме да поправиме нешто што 35 години системски било уништено.“












