Германија пред избори кои би можеле да ја „потресат“ цела Европа: Еден човек особено го загрижува Берлин

Точка

31/08/2026

21:06

336

Големина на фонт

а а а

Германија на почетокот од септември ја очекуваат регионални избори кои би можеле да имаат последици далеку надвор од границите на една сојузна покраина.

Во Саксонија-Анхалт, крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), според анкетите, убедливо води, а нејзиниот кандидат Улрих Зигмунд би можел да стане првиот челник на една германска сојузна покраина од редовите на оваа партија.

Зигмунд во последните недели се најде и на насловната страница на германскиот „Шпигел“, кој го претстави како најопасниот човек во Германија. Меѓутоа, обидот да се предупреди на можниот подем на АфД, неговите поддржувачи го претворија во дел од кампањата – купуваа примероци од списанието, кои Зигмунд потоа ги потпишувал пред собраните симпатизери.


Но, зад насловната страница се крие многу посериозно прашање. Како што пишува „Политико“ во опширна анализа, исходот од изборите на 6 септември би можел силно да одекне не само во германската политика, туку и во остатокот од Европа.

АфД во Саксонија-Анхалт, според последните анкети, има поддршка од околу 42 отсто од гласачите, речиси двојно повеќе од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц. Левицата, според анкетите е на третото место, додека социјалдемократите (СПД) се наоѓаат само малку над изборниот праг од пет отсто. Зелените, пак, се движат околу границата потребна за влез во парламентот.


Токму резултатот на помалите партии би можел да биде пресуден за формирањето на власта. Доколку СПД и Зелените го надминат изборниот праг, останатите партии би можеле да имаат доволно пратеници за да формираат влада без АфД. Во спротивно, би се отворила можност АфД самостојно да ја преземе власта или со поддршка на Сојузот на Сара Вагенкнехт (БСВ), кој исто така се движи околу изборниот праг.


Таквото сценарио, оценува „Политико“, би можело да ја турне Германија во политичка криза каква што земјата не доживеала со децении.

Притоа, изборите во Саксонија-Анхалт не се единствениот проблем за владејачките партии. Две недели подоцна на гласање излегуваат жителите на Мекленбург-Западна Померанија, а потоа следуваат и изборите во Берлин, каде што АфД исто така бележи силна поддршка. Низа лоши изборни резултати би можеле дополнително да ја дестабилизираат сојузната влада и сериозно да ја ослабат позицијата на канцеларот Мерц.


„Политико“ притоа истакнува дека развојот на ситуацијата во Германија со голем интерес го следат и рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, секој од свои причини.


Односите меѓу Берлин и Москва значително се влошија по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, но во делови од поранешна Источна Германија и понатаму постои значително поинаков однос кон Русија отколку во остатокот од земјата. АфД токму врз таквото расположение се обидува да изгради дел од својата политика.

Иако надворешната политика е во надлежност на сојузната влада, Зигмунд бара укинување на санкциите кон Русија, враќање на наставата по руски јазик во училиштата, како и обновување на програмите за размена на руски ученици и студенти со Германија.


Истовремено, тој се залага за значително построг однос кон Украинците кои пристигнаа во Германија по почетокот на војната.Од друга страна, администрацијата на Трамп веќе покажуваше политичка блискост со европските партии кои споделуваат дел од идеите на неговото движење МАГА, а „Политико“ наведува дека биле воспоставувани контакти и со АфД.

Во центарот на сето ова сега е 35-годишниот Зигмунд, една од новите ѕвезди на партијата. Поранешниот продавач со години гради внимателно осмислен политички имиџ. На помладите гласачи им се доближува, меѓу другото, со возење на култните источногермански мотоцикли „Симсон“ и со силно присуство на социјалните мрежи, додека на повозрасните им ветува враќање на старата и безбедна Германија. Според „Политико“, тој има повеќе следбеници на ТикТок од кој било друг германски политичар.


Неговите политички амбиции не завршуваат со кампањата. АфД за Саксонија-Анхалт претстави програма на околу 150 страници, во која, меѓу другото, се заговараат масовни депортации на барателите на азил. Партијата сака да го намали финансирањето на јавните медиуми, кои ги смета за непријателски настроени, да ги отстрани симболите на таканаречената „воук“ култура од училиштата, вклучително и знамињата во боите на виножитото, како и преку даночни олеснувања да ги поттикнува семејствата составени од татко, мајка и што е можно повеќе деца.


Програмата навлегува и во областа на културата. АфД го критикува движењето Баухаус, кое има силни историски врски токму со Саксонија-Анхалт и најавува посилно промовирање на она што го нарекува германска уметност.

Дел од овие предлози не се само предизборна реторика што регионалната власт тешко би можела да ја спроведе. Германските сојузни покраини имаат значителни овластувања токму во областите на образованието, културата, како и во делови од полицискиот и правосудниот систем.


Поради тоа, изборите на 6 септември претставуваат многу повеќе од борба за власт во една од 16-те германски сојузни покраини. Евентуалното доаѓање на АфД на власт би претставувало историски преседан за повоена Германија, но и сериозен тест за традиционалните партии, кои веќе со години се обидуваат да најдат одговор на растечката поддршка за крајната десница.


„Политико“ заклучува дека Германија во текот на својата повоена историја поминала низ низа големи политички кризи, од Студената војна до падот на Берлинскиот ѕид, потпирајќи се притоа на силните институции и уставниот поредок. Но, претстојните избори би можеле да ја вовлечат земјата во еден од политички најнеизвесните периоди во последните неколку децении.