Мицкоски за дата-центрите: Опозицијата нека остане во политичко мочуриште, а ние ќе ја водиме Македонија кон просперитет и иднина

Макфакс

01/09/2026

12:00

61

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски истакна дека развојот на дата-центри е неповратен процес кој ќе донесе просперитет и иднина за Македонија, додека опозицијата се спротивставува и останува изолирана.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска при посетата на Општина Бутел, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со дата-центрите, истакна дека тоа е неповратен процес и Владата во таа насока ќе продолжи да ја води земјата кон просперитет и иднина.

Премиерот вели дека опозицијата со своето противење не само што се однесува неодговорно кон државата и граѓаните, туку е изолирана со уште малкумина, затоа што, како што кажа и САД, Европа, но и азиските земји се развиваат на тоа поле.

„Во Европа конкретно, нашата опозиција не само што се однесува неодговорно кон економијата, државата и граѓаните, туку е изолирана со уште неколкумина во светот кои се борат против центрите за податоци или, во јавноста познати како, дата-центри“, рече Мицкоски.

Тој потсети на обраќањето на претседателот на САД, Доналд Трамп, во кое тој на противниците на оваа индустрија им вели дека дата-центрите ќе донесат повеќе успех, но и пониски даноци и работни места, а потсети и дека источните земји се развиваат преку дата-центрите.

„Така што јасно е каде оди светот и овој процес е неповратен. Секогаш кога ќе појдете на Исток, посебно во тие азиски земји, кога ќе ги видите оние хуманоидни роботи, кога ќе видите како таму функционираат сообраќајните решенија, кога ќе се соочите со тие предизвици, тогаш се враќате овде со воодушевување. А кога овде Владата ќе ви каже: ‘Ајде луѓе и ние да направиме нешто‘, е тогаш сте против. Така што тие нека си продолжат со својот талог и своето политичко мочуриште, а ние знаеме каде да ја водиме Македонија и ќе ја водиме кон просперитет и иднина“, нагласи премиерот Мицкоски.